Владата остана на одлуката од 1 септември наставата да почне со физичко присуство

0
14

Од први септември наставата почнува со физичко присуство во сите училишта. Најдобар начин за да го заштитиме и менталното здравје и да се одржи нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и тоа ќе биде направено во оваа учебна година, изјавија денеска портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Мухамед Хоџа. Одлуката од први септември наставата да биде со физичко присуство е целосно во согласност и со препораките на УНИЦЕФ, рекоа тие.

„Отворањето на училиштата е препорака и на УНИЦЕФ. Подготвени се потребните протоколи за заштита. Училиштата исто така. Искуството од минатата година со наставата за учениците од прво до трето, покажа дека училиштата имаат капацитет да го спроведат образовниот процес и во вакви услови и нема сомневање дека така ќе биде и годинава“, беше нагласено на прес-конференцијата на портпаролите.

Тие информираа дека на последната седница Владата дозволи организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти  од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 проценти од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од ковид-19.

Според извештајот на ЈП „Национални шуми“ од вкупно 9.907 хектари зафатени со пожарите, 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса. Владата го задолжи ова јавно претпријатие да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.