Владата ќе го разгледа предлогот за кризна состојба во Македонија поради пожарите

0
18

Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата денеска во 08.30 часот ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог. „Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците, рече директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Пет хеликоптери денеска ќе бидат ангажирани во гаснењето на големиот пожар во реонот на општина Пехчево се додека тоа го дозволува температурата на воздухот, најави Ангелов преку својот фејсбук профл. Тој претходно објави дека пет хеликоптери, од кои два македонски и три српски, вчера се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Како што соопшти Ангелов, во државата се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.