За прв пат во историјата на мерењата на врвот на Гренланд заврна дожд, а не снег

0
23

Температурите на врвот на Гренланд (3.200 метри надморска височина) се искачија над нулата за време на викендот по трет пат за помалку од една деценија. Топлиот воздух предизвика пад на екстремен дожд при што 7 милијарди тони вода паднаа на ледената покривка.

Се работи за најголемото количество врнежи на ледената покривка од почетокот на мерењата, во 1950 година, а во неделата количината на изгубена ледена маса била седум пати поголема од нормалната за овој период од годината.

„Она што се случува не е само една до две топли децении во променливиот климатски модел“, рече Тед Скамбос, виш научен истражувач во Националниот центар за податоци за снег и мраз, за Си-ен-ен. „Ова е без преседан“.

Како што климатските промени, предизвикани од човечки активности, ја загреваат планетата, се зголемува загубата на површината на мразот. Според извештајот на ОН за климата објавен овој месец, согорувањето на фосилните горива во последните две децении доведе до топење на Гренланд.

Една неодамнешна студија објавена во списанието „Криосфера“ покажа дека нашата планета загубила неверојатни 28 трилиони тони мраз од средината на 1990-тите, голем дел од Арктикот, вклучително и ледената покривка на Гренланд.

Џенифер Мерсер, менаџер на програмата за Канцеларијата за поларни програми во Националната фондација за наука, верува дека дождот трајно ќе влијае на својствата на снегот, создавајќи кора што ќе апсорбира повеќе енергија од Сонцето, сè додека не биде покриена со снег.