Косово на штрек од евентуално заминување на Американците

0
44

Рефлексии од американското повлекување од Авганистан и на Балканот

Последните настани во Авганистан предизвикани од повлекувањето на американската војска иницираа глобална дебата во сите земји каде што Американците се воено присутни, вклучувајќи и во соседно Косово, отворајќи ја дилемата дали со евентуално повлекување и од овие простори ќе се создаде нова безбедносна криза во овој дел на Балканот.

Кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп го иницира повлекувањето од Авганистан и истовремено најави намалување на трупите во Германија, малкумина веруваа дека таквите политики ќе бидат продолжени и од новата американска администрација на претседателот Џо Бајден, но со повлекувањето од Авганистан стана повеќе од јасно дека САД се решени да го редуцираат своето присуство во земји во кои се присутни долги години.

Рефлексиите од американското повлекување од Авганистан се почувствуваа и на Балканот, особено на Косово, каде што Американците со години се воено присутни и инвестираат во градењето на косовската држава, која и натаму не успева целосно политички да се етаблира и да воспостави функционален систем ослободен од корупција, за што веќе добија предупредување од Вашингтон.

Токму стравот дека потфрлиле во градењето држава ги загрижи косовските власти, откако Американците како една од причините за повлекување од Авганистан наведоа дека не успеале да воспостават функционални институции.

 

Професорот на универзитетот „Џон Хопкинс“ и аналитичар Даниел Сервер смета дека не треба да се стравува од американско повлекување од Косово, слично како она од Авганистан, бидејќи постои само површна врска меѓу овие две ситуации, односно дека американската војска е добредојдена на Косово и дека косовските граѓани сакаат нејзино неограничено присуство, за разлика од Авганистанците, кои немаа премногу толеранција кон Американците.

– Американските трупи секогаш се добредојдени на Косово, каде што немаше армија. Многу граѓани на Косово сакаат тие да останат на неодредено време. Тоа не беше случај во Авганистан, кој имаше своја војска и многу мала толеранција за американското присуство – рече Сервер.

Според него, работите поврзани со повлекувањето на американската војска од Авганистан се одвиваат лошо и би бил изненаден доколку некој предложи повлекување на трупите во друга земја во блиска иднина.

Говорејќи за разликите меѓу Авганистан и Косово во поглед на американската стратегија, Сервер вели дека Авганистан пред 20 години претставувал вистинска закана за САД поради талибанците и Ал каеда, нагласувајќи дека и во таа смисла Косово не може да се спореди со Авганистан.

Слично мислење дели и пратеникот од редовите на Самоопределување, Хаки Абази, кој смета дека на Косово не треба да постои страв од евентуално повлекување на Американците.

Американците не се уморни од престојот во Јужна Кореја и во базите низ Европската Унија, но не можат да се борат со 70 отсто од населението што не ја поддржува странската агенда, така што не треба да се стравува дека Америка би можела да се повлече од Косово бидејќи нема споредба – рече Абази.

Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски смета дека Вашингтон е решен сериозно да крати од воените трошоци, па во таа насока се повлекувањето од Авганистан и редуцирањето на присуството на некои други подрачја во светот.

– Не смее да се занемари фактот дека тоа се огромни трошоци за администрацијата и буџетот на САД и Бајден сака да крати секаде каде што може. Можеби некаде ќе се отвори нов фронт, дали тоа ќе биде Ирак, Иран, Сирија, за да се задржат во тој регион. Инаку, тој дел на Индокина повеќе од јасно е дека го напуштаат и комплетно ќе се повлечат од таму – вели Арсовски.

Според него, Американците нема да го напуштат Балканот додека не се решат отворените прашања на ови простори.

– Американците во делови на Европа можеби ќе го редуцираат присуството, но нема да се повлечат. Ќе останат и на Косово додека не се реши проблемот со Србија, оти евентуално повлекување може да предизвика нова криза, а сега тешко е да се поверува дека НАТО одново ќе го повтори она што го направи со Србија. Тоа тогаш беше заради Милошевиќ, но сега работите не се толку драстични. Американците нема да го напуштат Балканот така лесно додека не ги затворат сите отворени прашања, но сигурно ќе го редуцираат присуството за да ги намалат трошоците – заклучува Арсовски.

 

И Украинците стравуваат дека тие се следни

Вознемиреност владее и во Украина поради можноста САД да ја ускратат поддршката на оваа земја во седумгодишниот конфликт со Русија.

Американскиот претседател Бајден повеќепати нагласи дека секоја земја во која САД вложуваат свои финансиски, дипломатски, воени и политички ресурси има ограничен простор да ги оправда таквите инвестиции или ќе се соочи со преиспитување на американската стратегија.

Тој уште додаде дека не му е прифатливо бесконечно американско мешање во војни во која било држава, што особено ги загрижи властите во Киев дека можеби тие се следните од кои Американците ќе се откажат.

 

КФОР: Засега нема наредба за повлекување од Косово

Командантот на борбениот тим на 86. пешадиска бригада на националната гарда на Вермонт, Бреј Хопкинс, изјави дека нема никакви индиции за повлекување на САД од Косово.

– Целта на КФОР е да одржи безбедно опкружување за да им се овозможи на политичарите од двете страни простор што им е потребен за да седнат на маса и да разговараат за тоа како да ги решат своите разлики и нема индиции за какво било повлекување – рече Хопкинс.

 

Дали Тајван ќе го доживее авганистанското сценарио

Ехото на хаосот во Авганистан предизвика тензии и на друга невралгична геополитичка точка – во Тајванскиот Теснец.

Кина пред неколку дена изведе јуришни маневри во близината на „одметнатиот остров“, кој го смета за своја територија. Властите во Тајван веднаш одговорија дека не е можно авганистанско сценарио.

Премиерот Су Ценг Чанг порача дека на Тајван во случај на кинески напад не може да му се случи слична судбина со Авганистан и дека ако во земјата владее внатрешен хаос, никаква надворешна помош нема да биде доволна.

– Она што се случи во Авганистан покажа дека ако земјата е во внатрешен хаос, никаква помош од надвор нема да направи разлика, а Тајван мора да верува во својата земја и дека може да се одбрани – порача Су.