Македонец во Кабул за Глас на Америка – 50-тина Македонци на аеродромот во Кабул чекаат да се качат на авион

0
19

Не можеа да зборуваат јавно, бидејќи како што рекоа, слаба била интернет конекцијата но, и оти очекувале повик за качување во авион и евентуален транспорт.

„Има пукање на аеродромот. Има илјадници цивили кои се обидуваат да влезат во базата. Во моментот нема никакви летови. Кога ќе се евакуираме не се знае. Тоа можам само да ви кажам“, изјави еден Македонец, кој шест години работел во Кабул.

„Се наоѓаме на воениот терминал на воениот аеродром и се обидуваме да се извлечеме. Станува збор за околу педесет луѓе од Македонија, но и има и други Македонци кои чекаат во базата. Вкупно се околу стотина Македонци“, ни рече македонски граѓанин во Кабул.

„Овде е вистински хаос во хуманитарна смисла. Илјадници луѓе се наоѓаат на цивилниот аеродром и бараат спас. По целата писта ги има. НАТО се обидува да ја исчисти некако пистата, за да може да отпочне евакуацијата. Но, засега уште ништо“, додаде тој.

Според оние со кои контактиравме, а не сакаат да зборуваат јавно, меѓу другото и поради договорите кои ги имале потпишано со тамошните работодавачи, очекуваат од Кабул најпрво да бидат транспортирани во Дубаи или Катар, но што понатаму и кога до Северна Македонија, немаат информации. Велат најважно е сега да отидеме на безбедно.

Владата на Република Северна Македонија со внимателност ја следи ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД, информираа од Владата.

„Владата е во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија. Во овој момент имаме информации дека сите наши регистрирани граѓани се безбедни и дека не се во загрозувачка ситуација“, додаваат од Владата.

Министерот за надворешни работи изјави дека 75 македонски граѓани се чека да бидат евакуирани од Кабул и оти првата група од 25 луѓе, требала да полета со авион на американската војска за Катар. Многу Македонци, со години работеа во Кабул, на разни позиции, во најголем дел за британски и американски компании. Според кажувањата на луѓе кои работеле таму имало и Македонци кои имале свои бизниси во Авганистан.

воа