Наjвисок јавен долг досега, државата должи 7,2 милијарди евра или 62,5 % БДП

0
17

Во рамките на Јавниот долг влегуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Согласно критериумите на Светска банка, земјите кои имаат јавен долг над 60% од Бруто домашниот производ (БДП) се сметаат за високо задолжени. По само неколку години власт на СДСМ, Македонија го достигна ова.

Започнувајќи од 2008 година па наваму, јавниот долг е во постојан раст. Односно, македонската економија во изминатите дванаесет години бележи само неколку минорни, привремени намалувања на јавниот долг и постојан тренд на благ раст, кој својата контрола ја губи последните четири години и доживува квантен скок.

Во 2017 СДСМ наследиле јавен долг од 4,7 милијарди евра или 47, 7% од БДП. По четири години нивна власт, долгот пораснал за 2,5 милијарди евра. Денес, јавниот долг изнесува 7,2 милијарди евра или 62,5 отсто од БДП.

Проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг, предвидуваат дека, на среден рок, односно до 2025 година, тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8 отсто, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум. Но, праксата покажува дека ваквите оптимистички проекции на наша почва не ретко се погрешни.

Ребалансот на Буџетот усвоен во средата, на Владата ќе и обезбеди нови 100 милиони евра на располагање, но, отворениот трошок ќе биде 300 милиони евра повеќе од првично планираното. Ребалансот практично предвидува буџетската дупка да се зголеми за околу 200 милиони евра, со што таа ќе достигне 750 милиони евра. Недостатокот на пари во државната каса, Власта ќе ги покрива со нови задолжувања дома и во странство.