Недостигаат попишувачи во Центар, Тетово, Струмица, Охрид, Кичево, кусокот ќе го пополнат административците

0
22

Обуките на попишувачите одлично се спроведуваат и завршуваат утре. Во одредени општини недостигаат попишувачи – во Центар, но таму најлесно ќе оди надополнувањето, потоа фалат реонски попишувачи и во Тетово, Струмица, Охрид Кичево, вели Симовски

Тридневната обука на теренските попишувачи завршува утре, кога, пак, ќе  почне вакцинацијата на оние кои изразиле интерес да се заштитат од ковид-19. Инаку, недоволен број на попишувачи има во општините Центар, Тетово, Струмица, Охрид, Кичево, но кусокот, како што беше најавено и од владата, ќе се надомести со ангажирање на вработените од јавната администрација и тоа со оние кои се вработени со договор за дело.

А како да ги пополнуваат анкетните прашалници на пописот 2021 година, кој треба да почне в недела, на 5. септември, од вчера се обучуваат околу 5.000 лица, кои се селектирани од 7.532 пријавени кандидати.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за НоваТВ изјави дека е задоволен од тоа како се спроведува обуката, во што денеска и лично се уверил одејќи на терен во некои од пунктовите во училиштата.

–  Обуките на попишувачите одлично се спроведуваат и завршуваат утре. Во одредени општини недостигаат попишувачи – во Центар, но таму најлесно ќе оди надополнувањето, потоа фалат реонски попишувачи и во Тетово, Струмица, Охрид, Кичево… Но тука е јавната администрација, па од 1 до 4 септември ќе  обучиме и дел од овие лица како да ги попишуваат граѓаните и домаќинствата. А тоа важи, да потсетиме, за оние кои се ангажирани со договор за дело. Во Тетово е специфична ситуацијата поради пандемијата со ковид-19 и големиот број заболени, но ќе решиме и за таму, се надеваме ќе бидат навреме обезбедени доволен број попишувачи од администрацијата и во овој град – вели Симовски.

Од 7.532 кандидати пријавени за попишувачи, 3.251 кандидати се вакцинирани.  Од останатите 4.281 невакцинирани кандидати, 2.435 прифаќаат да бидат имунизирани доколку тоа им биде организирано.

Симовски вели дека од утре мобилни екипи ќе вршат вакцинација во пунктовите каде се врши и обука.

– Утре почнува вакцинација на оние попишувачи кои самите изразиле интерес за тоа. Во меѓувреме, речиси половина од кандидатите кои прифатиле да бидат имунизирани веќе се вакцинирале во изминатите месец дена – додава директорот на ДЗС.

Во Кичево требаат уште 46 теренски попишувачи

Инаку, и во Кичево вчера почнала обуката на теренските попишувачи, на која се јавиле вкупно 82 од 83 кандидати, кои успешно го поминале тестот. Обуката на реонските попишувачи освен петте републички, ја вршат и 13 реонски инструктори.

Според републичкиот инструктор, Јованчо Сапунџиоски, сиот процес се одвива според прописите за заштита од ковид-19, со помалку кандидати во секоја училница, до задолжително носење на заштитна маска и хигиена на рацете.

– За целосна покриеност на теренот со реонски попишувачи неопходни ни се уште 46 кандидати. Во меѓувреме ги контактиравме сите кандидати кои се пријавија во дополнителниот рок, 25 август, и кои не се јавија на тестирањето, но ниту еден од нив не се премисли за да се вклучи во обуката за реонски попишувач – вели Сапунџиоски.

Тој нагласи дека се прават напори преку Агенцијата за вработување да се обезбедат уште 46 кандидати, колку се неопходни за покривање на целиот терен на општина Кичево, каде се неопходни 128 реонски попишувачи.

Сапунџиоски очекува до почетокот на пописот и ова прашање да се реши.

Преземено од Нова тв