Одбележување на 20-годишнината од загинувањето на резервистите кај Карпалак

0
18

Со повеќе чествувања денеска во Прилеп се одбележува 20 годишнината од загинувањето на 10-те прилепски резервисти кај месноста Карпалак.

Изутринава делегации од градот, на семејствата, на преживеани и од локалната самоуправа заминаа на месноста Карпалак да им оддадат почит на загинатите. Делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите на градските и на гробиштата во населените места. Од 10 часот во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила ќе се одржи панихида за загинатите, а напладне, од 12 часот е централното чествување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.

На централното чествување цвеќе ќе полажи и делегација на Собранието на Република Северна Македонија, составена од пратениците Бисера Костадиновска-Стојчевска и Петар Ристески. А на месноста Карпалак, од 9:30 часот, цвеќе ќе положат пратениците Марија Георгиевска и Александар Велјановски.

Чествувањата почнаа синоќа пред спомен-обележјето во прилепската касарна „Мирче Ацев“ каде делегации положија свежи цвеќиња и се поклонија пред споменот на 10-те загинати прилепски резервисти.

На 8 август 2001 година во заседа поставена кај месноста Карпалак на автопатот Скопје–Тетово загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.