Одбележување 20 години Охридски договор – партиска или државна прослава?

0
20

Без дистанца, во просторија од 70тина квадрати со околу 70тина гости денеска продолжи одбележувањето на 20 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Вицепремиерот Артан Груби, вели дека бил гостин во Институтот за културно наследство на Албанците и организаторот бил должен да се грижи за здравствените протоколи.

За големата прослава која утре треба да се одржи во скопски хотел, Груби вели дека контикарал со здравствените власти и тие ја следеле организацијата на настанот. Не знае дали на 200-тината гости ќе им биде потребен сертификат за вакцинација за да влезат во објектот – не бил редар на настанот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прославата за 20 годишнината од потпишувањето на рамковниот ја смета за партиска промоција. Велат, тоа било предизборна парада на одредени луѓе и политички партии и затоа нема да учествуваат на утрешниот настан.

– Најголемата закана за рамковниот договор е токму оваа власта која го дели народот на тие кои се со нив и на оние кој што се против нив.. Воедно треба власта да одговори дали прославата на рамковниот и одложување на мерките заради прославата не значи доказ за целосно политизирање на процесот и воедно лажна грижа за здравјето на граѓаните. Оттука ВМРО-ДПМНЕ ниту претседателот Мицкоски нема да учествува во таквиот декор, изјави Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ потсеутуваат дека потпис на Рамковниот, имала и ВМРО-ДПМНЕ. Велат партијата и нејзиниот претседател и по 20 години останале заглавени во етничките поделби.

Охридскиот рамковен договор како документ кој донесе прекин на воените дејствија е потпишан и од ВМРО-ДПМНЕ. Бегањето од одбележување на 20 годишнината од Рамковниот договор е тешко политичко лицемерие кое потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ сеуште е заглавена во поделбите по етнички линии. Македонските национални интереси не се штитат со бегање, туку со решавање на проблемите, велат од СДСМ.

Веќе десетина дена, Министерството за политички систем раководено од вицепремиерот Груби, секојдневно одржува настани за одбележување на 20 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Централниот настан ќе се одржи утре во хотелска сала каде е предвидено да присуствуваат околу 200 луѓе.

Од потписниците на договорот, најверојатно ќе биде присутен поранешниот премиер Љубчо Ѓорѓиевски, но не и поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

Сител Телевизија