Поднесена првата независна кандидатура за градоначалник на Македонска Каменица

0
16
Во општините од Пијанечкиот регион, Делчево и Македонска Каменица, поднесена е првата независна кандидатура за локалните избори кои ќе се одржат во октомври. Каменичанецот Миран Митревски е првиот од неколкуте независни кандидати од Македонска Каменица кој до Државната изборна комисија во Делчево ги поднесе потребните документи со што и официјално го најави своето учество на изборите.
-Мојата кандидатура е со советничка листа која содржи 11 советници. Според стариот закон, потребно е да собереме најмалку 100 потписи за да бидеме учесници на изборите. Сите кои сакаат да ни ја дадат својата поддршка за мене како кандидат и мојата советничка листа, тоа можат да го сторат во канцеларијата на Државната изборна комисија во Делчево, рече Митревски.
Во трката за градоначалник на Македонска Каменица тој влегува како претседател на Еколошкото друштво „Здравец 2002“. Од изборите очекува добар резултат и добар натпревар со останатите кандидати и доколку ја добие довербата од граѓаните вети дека со нови идеи и проекти во голема мера ќе придонесе за подобар развој на Македонска Каменица.
-Ние ќе предложиме своја програма која е готова. Имаме проекти од областа на инфраструктурата, социјалата и туризмот кој ни е главен фактор во изборната кампања, додаде Митревски.
Покрај Митревски, во Македонска Каменица засега се најавени независни кандидатури на уште тројца кандидати кои ќе се натпреваруваат во трката за градоначалник. Освен независните, во трката за градоначалник влегува и Димче Атанасовски од ВМРО ДПМНЕ, а се очекува и името на кандидатот од редовите на СДСМ. Меѓу нив е актуелната градоначалничка на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.