Свадбата на ДУИ

0
122

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

ДУИ со години го киднапира Охридскиот договор како постигнување за сите Албанци и за малцинствата во земјата. Место да работат нешто корисно за граѓаните, сѐ повеќе градат култ околу партијата. Време е ДУИ и особено Артан Груби да се симнат од облаците

 

В петок во „Александар Палас“ во Скопје ќе видиме уште една политичка промоција на ДУИ – прославата на 20 годишнината од Охридскиот рамковен договор. На неа не е најавено учество на ниту еден албански политичар од опозицијата, бидејќи ДУИ со години го киднапира ова постигнување за сите Албанци и за малцинствата во земјата.

Место тоа, како се множат годините, така се предимензионираат и прославите на ДУИ, така што годинава, заради јубилејот и заради престојните локални избори, одбележувањето на годишнината на Охридскиот договор ќе личи на „свадба“ со 300 гости, што ќе ги чини граѓаните половина милион евра. Објавено е дека ќе се резервираат соби во хотели од висока категорија и со спа центри, ќе се плаќаат авиобилети, ручеци и вечери, ќе се кажува по дваесетти пат колку е битен договорот за мирот, за инклузивноста и за европерспективата на Македонија и ќе се прави пи-ар пред локалните избори, додека за граѓаните сето тоа е историја и апсолвирана работа. Тие сега сакаат нови постигнувања, односно доста им е од говори колку отишла напред Македонија –  бидејќи на терен гледаат друга слика.

Другата слика, меѓудругото, е дека во Малешевијата жителите доживеаја цивилизациски шок од тоа колку беа подготвени и опремени пожарникарите што дојдоа надвор од земјата. Се восхитуваа на должината на цревата за гасење, на дополнителната опрема, на обученоста на пожарникарите и на подготвеноста да помогнат, или едноставно кажано – на сликата за организирана и функционална држава. Се уверија колку заостанала нашата држава, во која управувањето се сведе на политички маркетинг и трошење пари за споредни и неприоритетни работи, додека некои други купуваат опрема и возила против пожари, возила за чистење улици, возила за брза помош, авиони за гаснење и ги екипираат центрите за справување со кризи со системи и со луѓе кои знаат како да спасуваат имоти и животи.

Инсистирањето на прославата, додека други ни ги гаснат пожарите, е исто така најава дека и натаму ќе го правиме тоа што најдобро го знаеме, без да научиме и од најновата лекција: Ќе трошиме лесно и бескорисно државни пари, државни ресурси, па и државни приоритети, само затоа што ДУИ, а особено вицепремиерот Артан Груби, се влезени во политичкиот филм за сопствената големина и, место да работат нешто корисно за граѓаните, сѐ повеќе градат култ околу партијата. Прв вицепремиер (во светот непостоечка функција), прво министерство само за функционери од ДУИ, прва зграда на тоа министерство платена 10 милиони евра, Груби како договорен прв технички премиер на идните избори и слични успеси… Во исто време се последни во пресметката со корупцијата, градоначалниците им важат за неспособни или расипници, а лице на партијата неделава им стана Беким Максути затоа што не успеа за три години да сервисира два авиони.

Сепак, според Груби, користа од прославата ќе биде поголема од парите потрошени за неа. Тоа што Џорџ Робертстон, со сета почит кон него, по втори или трети пат годинава ќе каже колку сме напредувале со Охридскиот договор, тешко дека ќе ни го смени животот додека се бориме со пандемијата, со пожарите и со економските последици од кризата, да не ги споменуваме корупцијата, невработеноста, иселувањата… Секое време има свои предизвици, но ниту еден од актуелните не е тема на која има што да се пофали ДУИ. Време е оваа партија да се симне од облаците, да престане да живее на стара слава и да почне да работи на прашањата што ги наметнува секојдневието во Македонија, бидејќи најголемата вредност што ја препознаваат во ДУИ граѓаните во моментов е штедливоста, скромноста, работливоста и транспарентноста на Талат Џафери, а не тоа што е прв Албанец претседател на Собранието во независна Македонија.

Она по што се препознава министерувањето на Груби е нескромност, расфлање со пари и прекумерни вработувања, иако има и заслуги околу решавањето на проблемот со вработените според Рамковниот договор, што земаа плата две децении, а не одеа на работа. Немањето чувство за мерките околу пандемијата, за фактот дека со кредити се одржува економијата, дека е претрупана администрацијата, дека штедењето е доблест а не мегаломанската прослава со настани што ќе траат два месеца, па и фалењето на Рамиз Мерко како доказ дека и Албанец градоначалник може да служи за доброто на сите заедници во Струга, покажуваат дека во ДУИ немаат контакт со идејата за добро владеење во Македонија денес.