Симоновски: Не се памети ден како вчерашниот, дел од пожарите се подметнати

0
14

Сите пожари во скопскиот регион на кои се интервенираше вчера се изгаснати. Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во текот на вчерашниот ден имала 29 дојави за пожар од кои е интервенирано во 22 случаи, а седум дојави биле лажни.

– Не се памети ден како вчерашниот. Досега не сме имале 22 интервенции за помалку од 24 часа. Првата дојава беше околу 10 часот, а последната во 21:45 часот, вели во изјава за МИА командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Состојбата во поранешната фабрика „ОХИС“ е стабилна, а денеска е изгаснат и пожарот над Сарај кон „Јасен“.

Оценките на пожарникарите се дека дел од пожарите се подметнати.

– Нашите досегашни искуства покажуваат дека дел од пожарите се подметнати, вели Симоновски.

Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во моментот има една екипа испратена во пехчевско-делчевскиот регион.

Секаде каде била побарана помош, како што изјави Симоновски, биле испратени екипи притоа водејќи сметка да не се доведе во прашање безбедноста на граѓаните во Скопје. МИА