Угостителите ѝ се закануваат на Владата – нови мерки не смее да има

0
15

Независната угостителска комора бара веднаш да се укине одлуката за вакциналните сертификати затоа што „медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација“

Со сличен речник како најголемата опозициска партија околу правата на граѓаните Независната угостителска комора (НУК) побара од Владата веднаш да ја укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти. Според угостителите, со ваквите мерки се нарушувале човековите права и неколку закони.

Барањето на угостителите доаѓа во денот кога во Македонија беа регистрирани 518 нови случаи на корона вирус и четири починати лица, а според епидемиолозите најголеми жаришта се свадбите и други прослави кои се случуваат на секој чекор во земјава. На овие веселби речиси никој не носи маски и претставуваат супер-жаришта, како што покажа и последниот случај со младенците во Тетово, а се заразија речиси половина од гостите.

Комората вели дека со нивното барање ќе се спречи селекција на вакцинирани и невакцинирани гости и ќе се овозможи сите угостителски објекти да бидат достапни еднакво за сите граѓани.

„Донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива. Ниту т.н. нови редари, ниту кој било инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност, овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување потврда за извршена имунизација“, велата од комората.

Угостителите уште велат дека „медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација“ и согласно Законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар, „никој друг нема право да врши проверка или прибирање на оваа информација, ниту да врши селекција, односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба“.

Писмото е адресирано лично до премиерот Зоран Заев. „Со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани. Поради сето ова, бараме и очекуваме од Вас, веднаш да се укине одлуката со која забранувате посета и влез на невакцинирани во угостителските објекти“, вели претседателот на Комората, Здравко Јосифовски.