Дополнителни мерки за Тетово, нема место во болниците, се препраќаат во Скопје и Лешок

0
14

Клиничката болница Тетово преполна со Ковид пациенти. 80 заразени сите со тешка клиничка слика се лекуваат дури во четири одделенија во болницата. 20 Ковид заразени има пратено и во болницата за белодробни заболувања во Лешок, а пациенти се препраќаат на скопските клиники. Ситуацијата е крајно сериозна, посочуваат здравствените работници.

За 24 часа хоспитализирани се 12 лица во тетовската болница, а 5 починаа. За неколку дена нагло се влоши и онака загрижувачката состојбата со вирусот, со тенденција бројот на хоспитализирани и тешки случаи да расте, земајќи предвид и зголемениот број на амбулантски прегледи на пациенти, кои речиси сите добиваат позитивен резултат.

Освен во модуларна и инфективно, Ковид пациенти се лекуваат и на двата ката од интерното одделение, како и во болницата за белодробни заболувања Лешок. Во сите 5 одделенија има уште неколку празни кревети. Денеска или утре во зависнот од потребите ќе се стават на располагање и други одделенија. Од Министерството за здравство, информираа дека на колегите од Тетово им се дава соодветна поддршка во делот на кадар и сместувачки капацитети.

-Од пред два дена пациенти се сместуваат и во болницата во с. Лешок, а доколку е потребно пациенти ќе бидат сместувани и во други болници во близина или во Скопје. Во текот на утрешниот ден ќе се донесе одлука дали и колку дополнителен кадар кој во најкус рок ќе биде распореден. Министерството за здравство размислува и за воведување дополнителни локални мерки за што ќе биде разговарано утре, информираа од Министерството за здравство

Од 80 хоспитализирани само 8 примиле прва доза, а починатите изминативе 24 часа не биле имунизирани. Вакцинацијата е спасот но и превентивата која недостасува, што беше пресудно за брзата трансмисија на болеста

Полошкиот регион е со најголем број заразени и активни случаи во земјава, а растот на бројот на хоспитализирани ги наполнија одделенијата во болницата. Свадбите и семјените веселби се главната причина посочуваат епидемиолозите. Повеќе не се работи за кластери туку за масовна и широка распространетост на вирусот.