Албин Курти предлага и Косово и Србија да ги укинат привремените регистарски таблички

Веќе трет ден двата национални патни правци на северот на Косово се блокирани како знак на револт од страна на локалните Срби поради реципроцитетот воведен за регистарските таблички за возилата кои влегуваат од Србија. Премиерот на Косово, Албин Курти, ги повика Србите да ги отстранат барикадите и рече дека српскиот претседател Вучиќ е единствениот кој сака инциденти. Курти даде и предлог како да се надмине проблемот.

„Државата Косово и граѓаните на нашата земја немаат интерес од инциденти и ескалација. Ниту Србите во Косово немаат интерес, ниту Србија нема интерес за дестабилизација, се чини дека само еден поединец има интерес за инциденти и ексцеси, а тоа е претседателот на Србија… Нашата отворена понуда е практична, да ги укинеме привремените таблички и Србија и Косово и на овој начин граѓаните да се движат брзо и со помали доцнења“, рече Курти.

Косовската претседателка Вјоса Османи, која престојува во Њујорк, се состана со шефот за надворешна политика на ЕУ, Joзеп Борел и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Ги информираше за најновите случувања во дијалогот со Србија, повикувајќи се на Бриселскиот договор за слобода на движење.

„Косово исполни еден законски аспект со спроведување на договорите за регистарски таблички од 2011 и 2016 година. Обидите за дестабилизација од илегалната структура поддржана од Србија треба да ги процени самата ЕУ“, рекоа од Претседателството на Косово.

Еврокомесарот за проширување и соседство Оливер Вархеји ги повика Косово и Србија да се повлечат од, како што рече, едностраните дејствија.

„Косово и Србија, неопходно е без одлагање да се воздржите и да ја смирите ситуацијата, да се врати дијалогот и да се обезбеди слобода на движењето. Едностраните акции никогаш не се решение“, рече Вархеји.

Прашањето за регистарски таблички е регулирано со договорот за слобода на движење меѓу Косово и Србија, постигнат во 2011 година во Брисел. Тој предвидува сите сопственици на возила кои живеат во Косово, да мора да ги користат регистарските таблички „КС“ или „РКС“ и со тоа да ги отстранат од употреба регистарските таблички издадени за косовските Срби од Министерството за внатрешни работи на Србија. Досега, косовските државјани со регистарски таблички РКС, кога влегуваа во Србија, плаќаа околу пет евра за привремени регистарски таблички кои важат 60 дена.