Алијанса за Албанците: Се прават обиди никој да не одговара за смртоносниот пожар во болницата

Aлијанса за Албанците ја прашува градоначалничката на Тетово дали била спроведена процедура за инспекција за заштита од пожар во модуларната тетовска болница и доколку одговорот е не, зошто не била спроведена таа постапка. Партијата ги прашува болницата и другите институции зошто немало аларм за пожар во модуларната болница и зошто во модуларната болница немало опрема за заштита од пожар. Во контекст на изведувачот „Брако“, Алијанса за Албанците прашува кои биле подизведувачите.

„Знаеме дека главен изведувач беше фирмата ‘Брако’ на вашиот долгогодишен партнер Кочо Анѓушев. Дали имало подизведувачи и кои се тие? Особено прашуваме, кој ја инсталирал електричната мрежа“, изјави пратеникот Аднан Незири на прес-конференцијата на Алијанса за Албанците како дел од прашањата упатени до власта, со потпрашање дали објектот бил надгледуван и технички прифатен и кој го направил надзорот.

„Сведоци сме дека во изминатите неколку дена се прават различни обиди од надлежните институции да избегаат од одговорноста за горењето на живите 14 лица во модуларната болница во Тетово. Јасно се гледа, како и во многу други случаи, дека се прават обиди на крајот никој да не одговара и виновниците да останат анонимни“, рече Незири.

Според партијата, тендерската документација јасно покажува кои институции се надлежни за заштита од пожари, односно дека тоа тетовската болница и Општина Тетово.

„Според третиот дел од тендерската документација – План за мониторинг, предвидено е модуларната болница да има План за заштита од пожари и спроведување мерки за заштита. Утврдено е дека општинските инспектори, директорот на болницата и одговорните лица вработени во болницата се одговорни за овие планови и мерки“, нагласи пратеникот Аднан Незири.