Колку се безбедни модуларните болници? – Во тендерот никаде не пишува дека треба да има противпожарен систем

0
34

Со каков материјал се изградени овие модуларни болници и дали имаат противпожарен систем?

Во јавните набавки направени од МЗ ја најдовме тендерската документација за модуларната болница во Скопје. Кај делот за технички спецификации никаде не пишува дека се отпорни на пожар, само пишува дека се изработени од еколошки материјали. Исто така не е наведено дали има противпожарен систем.

Колку е ова исправно ги прашавме експертите. Градежниот инженер Неџат Бајрами откако ја виде документацијата рече дека не се дефинирани сите параметри.

„Во делот на техничките спецификации се дефинирани односно предвидени само параметрите за енергетската ефикасност и акустичната изолација и термичка спроводливост на материјалите. Никаде не е дефиниран параметарот за отпорност на пожар на материјалите кои се користат за изградба на модуларна болница“, истакна Неџат Бајрами.

Според Бајрами градежниот материјал на модуларната болница треба да биде отпорен на пожар барем 30 минути.

„Имајќи го предвид фактот дека се работи за модуларни објекти кои се состојат само од приземје, а во кои треба да се згрижат неподвижни лица, параметарот за отпор на пожар на материјалите треба да биде најмалку 30 минути“, додаде Неџат Бајрами.

Обвинителството за гонење криминал и корупција базирајќи се на информациите по допрен глас, отвори предмет за проверка на спроведувањето и реализацијата на јавните набавки при изградба на модуларните болници. Исто така додаваат дека ќе приберат други докази за утврдување на фактичката состојба.

„За таа цел, денеска до Бирото за јавни набавки и Министерството за труд и социјална политика е издадена Наредба за обезбедување на севкупната документација поврзана со изградбата на сите 19 модуларни болници. Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти“, додаваат од Обвинителството.

Компанијата Брако која ги изгради модуларните болници се огласи на социјалните мрежи. Велат дека работат по високи стандарди додавајќи дека бараат истражните органи да го истражат случајот со пожарот во Тетово.