Тензии на косовско-српската граница поради регистерски таблички

Одлуката на косовските власти да воведат реципроцитетна мерка за замена на српските таблички со косовски при влез во државата, предизвика тензии и блокади на граничните премини на северот.

Тензии на границата меѓу Косово и Србија, откако косовската влада упати дополнителни полициски сили за имплементација на одлуката за отстранување на српските регистерски таблички од автомобилите кои влегуваат во нивната држава. Локалните Срби протестираат и поставија барикади на патот.

Припадници на специјалната косовска полиција со оклопни возила се упатија кон границата откако стотици косовски Срби со автомобили и камиони направија блокада на патот кој води до граничниот премин.

Српската полиција досега им ги одземаше регистерските таблички на косовските возила при влез во Србија, па последниот потег на Приштина се правда како реципроцитетна мерка.

 

Косовските власти соопштија дека од понеделник, 20 септември, регистерските таблички ќе бидат заменувани со привремени и дека дополнителните полициски сили се разместени за имплементација на „реципроцитетот“.

Курти: Ова е наметната мерка

Косовскиот премиер Албин Курти вели дека Србија е таа што прва вовела ваква мерка. Тој додаде дека потегот на Приштина не ја ограничува слободата на движење и не е насочена кон Србите.

Ние не баравме привремени регистерски таблички, но тие беа наметнати од другата страна. Се додека нашите граѓани мораат да плаќаат за таблички кога влегуваат во Србија, тие ќе бидат користени и од наша страна“, рече Курти.

Портпаролот на Европската комисија Петер Стано ги повика двете земји „итно и без одложување“ да покажат воздржаност и да се откажат од унилатерални акции.

„Слободата на движење е една од темелите на ЕУ и очекуваме од Косово и Србија да промовираат слобода на движење во регионот“, рече тој.

Ракиќ: Закана за Србите

Белград и Приштина се согласија во 2014 година да дозволат слободно движење. Косовските власти велат дека договорот истекол и дека сега на нивна територија важат само косовските симболи.

Во Белград, претседателот Александар Вучиќ за вторник свика седница на Советот за безбедност.

Дојче веле