Кривичните пријави се поднесни до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава за актуелниот градоначалник на општина Петровец и уште четири физички и три правни лица поради сомнеж за злоупотреба на службената положба и на постапките за јавни набавки и перење пари со што буџетот на општината бил оштетен за над половина милион евра во периодот од 2012-та до 2018-та година. Според директорот на финансиската полиција Арафат Муареми, градоначалникот на Петровец издал 24 фиктивни фактури до фирмите АЦЕ ТРАНС КОМПАНИ ДООЕЛ Скопје и ЛЕОМА ТРАНС ДОО Скопје за наводен транспорт на шут, иако пријавените знаеле дека не биле извршени работите наведени во фактурите..
Кривичните пријави се поднесни до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал. Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски кажа дека претставката за случајот прво била поднесена до неговиот кабинет во мај годинава од анонимен граѓанин.
На новинарско прашање зошто оваа пријава се поднесува на два дена пред отпочнување на кампањата за локалните избори, Николовски рече дека предметите не смеат да заостанвуаат.
Муареми откри и дека од март до август извршиле проверки во 75 правни субјекти за технички преглед на возила и констатирано било дека законските обврски за наплата во име на државата не биле уплаќани и ги задржувале на сметките. Со ова била сторена штета во износ од над 189 милиони денари. По извршените проверки од управата дел парите веќе се уплатени во државниот буџет, а останатите средства ќе се враќаат на рати.