Дома Полошки Глас Полошки Глас Четворица германски експерти ќе се вклучат во истрагата за пожарот во модуларната...

Четворица германски експерти ќе се вклучат во истрагата за пожарот во модуларната болница

Форензичари за пожари и крим – техничари за ласерско мерење на простории ќе го сочинуваат тимот од германската федерална криминалистичка служба кои треба да пристигнат во земјава.

Четворицата експерти, како што информираат од Владата, ќе се приклучи на македонскиот тим истражители во испитувањето на причините за пожарот во тетовската модуларна Ковид болница.

Паралелно со истрагата на форензичарите, обвинителството ќе ја чешла документацијата на Министерството за здравство за изградба на модуларната болница и велешката фирма изведувач. Но освен за овој објект кој целосно изгоре, обвинителството на Вилма Русковска отвори предистражна постапка за јавните набавки за изградба на сите 19 модуларни болници во земјава. Оттаму велат дека се работи за обемна документација од неколку илјади страници за тендерот за изградба на модуларните Ковид – болници низ земјава со кредит од Светска банка, која треба да се истражува детално.

-Обвинителството ја очекува документацијата од јавната набавка за изградба на модуларните болници од Министерството за труд и социјална политика. По анализа на прибраната документација јавноста навремено ќе биде информирана за наодите и понатамошниот тек на постапката. Прибраните материјални докази ќе бидат предмет на анализа во насока на утврдување дали документацијата за спроведената јавна набавка соодветствува со техничката документација за овие објекти.- ОЈОГОКК.

И додека јавноста чека одговори за тоа како избувна фаталниот пожар кој во јавност ги отвори дилемите околу безбедноста на овие монтажни објекти, д-р Злате Мехмедовиќ во изјава за Канал 5 вели дека според него најбезбедно би било сите модуларни болници да се затворат дури истрагата не ја потврди нивната сигурност.

Во пожарот кој ја зафати модуларната Ковид – болница во Тетово во средата вечерта загинаа 14 лица а 12 беа повредени. Денеска, како што информираат оттаму, седуммина од повредените кои после беа примени во тетовска болница, како оздравени од Ковид-19 и опоравени се пуштени од болничко лекување и се наоѓаат во своите домови.

Објектот, како што се гледаше и од видеа од безбедносни камери објавени на социјалните мрежи, целосно изгоре за само неколку минути.