Вархеји во Скопје ќе ја испитува шансата за компромис

0
22

Денеска во Скопје еврокомесарот Оливер Вархеји ќе разговара со македонските власти за можностите за решавање на македонско-бугарскиот проблем поради кој Софија ги блокираше европските интеграции на земјава. Можно ли е компромисот да не навлегува во македонските идентитетски прашања?

Точно една недела по неговата посета на Софија и еден ден по престојот на шефицата на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен во македонскиот главен град, во Скопје денеска пристигнува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Неговата посета е кусо најавена на страницата на Европската комисија за денешниот датум без детали за темите на разговор.

Но, извесно е дека главна тема на разговор ќе биде можноста за наоѓање на компромис меѓу Софија и Скопје, спор поради кој Бугарија лани во декември ги блокираше македонските европски интеграции. Проблемот меѓу двете земји беше тема и при минатонеделната посета на Софија, а дека се интензивира разговорите најавија и Фон дер Лајен и премиерот Заев по вчерашната средба во Скопје. Европската политичарка рече дека разговараат со двете страни.

„Има многу добри идеи за коишто вреди да се размисли, сè со цел да ја надминеме последната пречка и да започнеме со првата меѓувладина конференција“, рече таа.

Заев, пак, нагласи дека верува оти до крајот на годинава може да се најде решение кое ќе ги почитува идентитетските прашања и македонскиот јазик.

„Идентитетските прашања едноставно е невозможно да бидат предмет на преговори и среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали за разбирање за овие прашања, кои се исто така и европски вредности“, рече Заев.

Кои се идентитетските прашања?

Официјално Скопје често повторува дека идентитетските прашања не се тема на разговор и за нив нема компромис. Под идентитетски прашања македонската влада ги споменува јазикот и признавањето на корените на нацијата.

Захариева: Македонизмот е креација на Србија и Русија

Официјална Софија, пак, исто така, често повторуваше дека Скопје треба да признае дека македонскиот јазик е само норма на бугарскиот и дека македонската нација не постоела до 1944 година односно да ја признае „историската вистина за бугарските корени на идентитетот“.

По средбата со Вархеји бугарскиот претседател Румен Радев минатата недела конкретно не ги спомена овие две теми, кои често ги споменуваше поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, но рече дека изјавите и ветувањата во дијалогот со Македонија повеќе не функционирале и дека „Бугарија очекува јасни правно обврзувачки одлуки што ќе доведат до одржливи и неповратни резултати.

Бугарскиот претседател пред гостинот од европската администрација рече и дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан во 2017 година не се спроведувал, дека во земјава имало говорот на омраза и засадување лажна слика за Бугарија во учебници, музеи и споменици, како и во однос на правата на граѓаните на земјата, кои отворено ја изразуваат својата бугарска самосвет.

Ден по оваа изјава македонскиот премиер Зоран Заев најави дека Скопје е подготвено да ја избрише придавката бугарски секаде каде што се споменува заедно со фашистички окупатор на спомениците и учебниците. Оваа изјава предизвика лавина реакции во македонската јавност па се толкуваше и како менување на историјата.

„За да не дојде до погрешно учење на историјата потребно е дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни кои се погодени со историските случувања. Тоа значи наместо бришење на ‘бугарски’ да се додадат термините ‘тогашен’ и ‘власт’ и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор, би се именувале како ‘тогашните бугарски фашистички окупаторски власти’”, наведоа од Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Што ќе донесе Вархеји?

Вархеји, пак, може да се смета за европски политичар добро запознаен со спорот меѓу двете балкански земји. Тој заедно со португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва во мај 2021 година, кога Лисабон беше шестемесечен претседавач со ЕУ во Софија и Скопје го донесоа планот за надминување на спорот.

Тој план македонските политичари и тогаш го сметаа за добра основа, но нивните бугарски колеги го одбија. Заев и по вчерашната средба со Фон дер Лајен рече дека верува оти ќе се постигне договор на темелите на предлогот на португалското претседателство, кое што, како што рече и словенечкото претседателство го прифатило како можно решение. Инаку, Словенија во моментов е шестмесечен претседавач со унијата, а нејзиното претседателствување завршува во декемеври.

Инаку таканаречениот план Вархеји-Силва предвидува двете страни да испратат декларации за јазикот – Македонија да признае дека јазикот е кодифициран во 1945 година, а Бугарија да изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека јазикот во сите идни документи на ЕУ да биде сметан во согласност со Уставот на земјава. Како што јави тогаш бугарската агенција БГНЕС, која наведе дека има увид во документот, во предлогот на европската двојка се предвидуваше и двете држави да разменат декларации за краткото и долгото име на Република Северна Македонија.

Според бугарската агенција тој предлог бил неприфатлив оти не бил во согласност со бугарските позиции усвоени од тамошното собрание во 2019 година. Во меѓувреме, на крајот на јули годинава и македонското собрание усвои резолуција со која се зацврстуваат ставовите во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

И двете земји сега сега се наоѓаат во предизборен период. Во Македонија на 15 октомври ќе се одржат локалните избори, а во Бугарија во ноември ќе се одржат двојни избори- редовни претседателски и трети парламентарни избори откако претходните два не донесоа јасен резултат за формирање политичка влада.

РСЕ