Владата ветува повеќе пари за општините до 2024 година

0
19

Владата реши повторно финансиски да им помага на општините. Во следните три години односно до 2024 година за двојно ќе им ги зголеми приходите кои ги добиваат по основ на данок на личен доход од граѓаните кои живеат во општината. Тие актуелно добиваат 3% од овој данок, а во 2024 година процентот ќе се искачи на 6. Сумата од 12 милиони евра, ќе се зголеми на речиси 26 милиони. Вториот основ по кој централната власт реши да ги зголеми приходите на општините се парите од ДДВ. И во овој случај за 50 отсто повеќе пари ќе влезат во општините до 2024-ттата од она што го добиваат досега. Наместо 45 милиони евра колку се предвидени годинава за три години сумата ќе достигне 60 милиони евра. Надлежните со ново ветување до јавноста – овие пари нема бидат за луксузирање на градоначалниците

Овие средства не може да се искористат за репрезентација, за мебел за возила коишто се несуштински за вршење на функциите на општината“, рече министерот Фатмир Бесими.

Власта уверува дека ваквото делење на пари за општините не е популизам иако се случува на само три недели од локалните избори. На измените во Законот за децентрализација, кои допрва ќе одат во собраниска постапка, се работело подолго време и било чиста случајност што оваа мерка се објавува сега.

„Точно е дека се поклопува со почетокот на мандатот. Сите што ќе бидат избрани ќе можат навистина со почетокот на 2022 јануари тогаш законот стапува во сила и навистина ќе може да влезат во стабилизирање на општините“, рече премиерот Заев.

Владата решава финансиски да ги зајакне општините во време кога тие сите вкупно должат 60 милиони евра, но вкупниот нивен долг, заедно со оној на јавните општински претпријатија, надминува 120 милиони евра. Освен што за дел од градоначалниците изминативе години имаше неколку афери за луксузирање и недомаќинско работење, сите заедно имаат тешкотии во реализацијата на своите буџети. Имено, трошат 78 отсто од планираното, а скоро исто толку пари собираат. Власта веќе неколку пати ги покрива дупките на лошото менаџирање на градоначалниците со пари од централниот буџет.