Во петок администрацијата ќе работи само 4 часа: Законот готов

0
14

Наместо 40 часа, администрацијата ќе работи по 36 часа во неделата или по 8 часа од понеделник до четврток и само 4 часа во петок. Ова е предвидено во новиот закон за административни службеници кој сега е во нацрт верзија, објавен е на ЕНЕР и истекува рокот за коментари. Го подготви Министерството за информатичко општество и администрација. Во членот 55 од Законот кој се однесува на работното време стои:

„Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено.

(2) За неполно работно време на административните службеници ќе се смета работното време кое е пократко од 36 часа неделно, а ќе се остварува согласно со закон, пишува во законот.

Инаку Законот беше ставен на ЕНЕР на 21 септември годинава и по коментарите треба да оди на усвојување.

Во актуелниот закон распоредот на работното време е од понеделник до петок за 40 работни денови. Работно време е од 7:30 или 8:30 часот до 15:30 или 16:30 часот.

Фактор веќе пишуваше дека за реформите во администрацијата се носат два  нови законои – овој за административните службеници и Законот за вработени во јавниот сектор.

Законите, според објаснувањата треба да ја направат департизирана и деполитизирана јавната администрација, но и да ги избегнат во неа појавите на непотизам, клиентелизам и кронизам.

„Овие закони директно влијаат на целосната деполитизација на државната администрација и ги поставуваат темелите на вредностите и меритократијата за да се стигне до работното место или унапредувањето. Ние сме решени да ги завршиме овие реформи“, изјави пред извесно време министерот за информатичко општество и технологија Јетон Шаќири.

Инаку, како што е познато, овие два закони се донесени во 2014 година, а почнаа да се применуваат во 2015. Оттогаш досега Законот за вработените во јавниот сектор претрпе неколку измени, поради проблеми со кои институциите се соочува при неговото спроведување во пракса. Од друга страна, многу од одредбите од законот, поради нивната комплексност, останаа неприменливи. МИОА пред две години сакаше да се направат измени на овие закони, но потоа се сфати дека е најдобро да се донесат нови законски решенија.