Доктор Хасани, наместо во кабинетот на Филипче, вчера се врати во операционата сала!

0
38

До денеска истекува рокот кој го даде најголемата опозициска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ и побараа оставката од министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик-министер Илир Хасани да ја достават во Собранието, за кога е закажана нова вонредна седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери објаснува дека оставка се поднесува само до тој кој го предложил функционерот, а во случајот до премиерот Зоран Заев како мандатар за состав на Влада. И професорот Борче Давитковски ја расчистува дилемата, и тој посочува дека министерот му поднесува оставка на премиерот, не на Собранието. Заев, пак, вели дека министерот за здравство, неговиот заменик, како и двајцата директори на болницата во Тетово, продолжуваат да ги извршуваат обврските сè додека не бидат сменети.

Заменик-министерот за здравство во оставка Илир Хасани вчера се врати на работното место, во операционата сала на Хируршките клиники во Скопје, а не во кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче. Доктор Хасани тоа јавно го покажа на својот ФБ-профил каде напиша ”Назад на работа!” и објави фотографија како се подготвува да влезе во операционата сала, бидејќи тој е субспецијалист, хирург-травматолог. Хасани на 10 септември, погоден од страшната несреќа и пожарот во модуларната болница во Тетово каде животот го загубија 14 лица, а 12 пациенти беа повредени, од морални причини поднесе оставка од функцијата, како заменик на министерот Филипче.

-И покрај фактот дека немам никаква врска со процедурите за модуларната болница, иако немам никаква врска ниту со организацијата на работата внатре во модуларната болница, мојата оставка е најмал чин кој можам да го направам во овие тешки моменти, за да ги почитувам жртвите, повредените и нивните семејства, вели Хасани.

До утре истекува рокот кој го даде најголемата опозициска партија во земјава ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа оставката од министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик-министер Илир Хасани да ја достават во Собранието, за кога е закажана нова вонредна седница. Во спротивно, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог во Собранието за нивно разрешување. Партијата побара оставка и од премиерот Зоран Заев и од Артан Груби.

Претседателот на Собранието Талат Џафери објаснува дека членот на кој се повикува ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на постапка за разрешување , бидејќи оставка се поднесува само до тој што го предложил функционерот, а во случајот, министерот Венко Филипче и заменикот Илир Хасани тоа треба да го направат до премиерот Зоран Заев како мандатар за состав на Влада. Доколку премиерот ги прифати оставките, потоа ги доставува до Собранието за понатамошна постапка при што на прва наредна седница се констатира престанок на функцијата.

Во однос на ултиматумот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесе предлог-одлука за разрешување доколку Филипче самиот не ја достави оставката до Собранието, Џафери вели дека пратениците може да достават самоиницијатива за интерпелација. Според него, воопшто не постои можност за постапка за разрешување.

На оваа тема се огласи и професорот од Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, кој правно ја расчистува дилемата. Давитковски појаснува дека министер оставка од својата функција може да поднесе до премиерот, а не до Собранието, од причина што премиерот е тој што ги именува министрите,а не спикерот Талат Џафери. Според него Заев е мандатар, тој формирал влада, а Филипче е тим од владата.

-Ако премиерот ја прифати оставката, на негово место се предложува друг, за кој потоа ќе се изјасни Собранието, односно ќе се гласа за предлогот-вели Давитковски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ може да поднесе барање за разрешување на министерот, но мора убаво да ги образложат причините по кои Собранието ќе расправа и сето тоа пак ќе се сведе на интерпелација.

Премиерот Зоран Заев, пак, е на ставот дека целата Влада не треба да си поднесе оставка поради несреќата во Тетово, а за понудените оставки на министерот Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, директорот и економскиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми ќе се произнесе откако ќе заврши истрагата, за која сè уште не се знае до каде е. Тој информира дека министерот за здравство, неговиот заменик, како и двајцата директори на болницата во Тетово, продолжуваат да ги извршуваат обврските сè додека не бидат сменети.

– Секако, негова должност е сè додека не биде правно формално тргнат од неговата функција, како министерот, така заменик-министерот, директорот и економскиот директор на болницата должност им е да ја извршуваат својата функција до доаѓање на нов, рече Заев.

Според него просторот околу опожарената болница се обезбедува и се подготвува теренот за форензичарите од Германија кои доаѓаат како испорака на НАТО земја членка, да ни помогнат во експертизата за завршување на форензичката истрага како последица на страшната трагедија. Тој посочи дека форензичари од МВР и експерти од Дирекцијата за заштита за спасување, со експерти од Германија, треба да ги дадат деталите од истрагата.

За тоа која фирма ги монтирала болниците и вршела надзор, Заев истакна дека не ги знае сите детали и оти надлежните институции ќе ги дадат сите информации