Кривични пријави за напаѓачите на полицијата, се предвидуваат и затворски казни

0
18

Полицијата започна со приведување на лица учесници и организатори на протестот која вчера се одржа во Тетово под мотото Правда и Одговорност. Од слобода лишени се 5 лица против кои се поднесени кривични пријави, а изведени се пред судија во претходна постапка.

Приведувањата започнаа уште во вчера. Додека дел од учесниците на протестот седеа во кафуле на градскиот плоштад, полицијата со лисици еден од предводниците на протестниот марш го лиши од слобода и го однесе во полициска станица. Приведени се уште лица на возраст од 30 до 52 години. Тројца се од Тетово и по еден од Кичево и од тетовско село Вешала.

Протестниот марш за пожарот во модуларната болница во Тетово, на кој повикаа роднините на семејствата на загинатите преку социјалните мрежи, вчера започна мирно. Но, учесниците откако стигнаа до зградата на локалната самоуправа започнаа да ја гаѓаат со јајца. Крајната дестинација им беше седиштето на ДУИ во Мала Речица, каде полициските екипи не дозволуваа пристап до партијата, при што ситуацијата ескалираше.

Беше пробиен еден полициски кордон, а протестантите се судрија со полиција при што беа повредени четворица полицајци. Поголем физички инцидент се случи пред дворот на еден приватен имот во Мала Речица, преку кој протестантите се обидоа да пристигнат до партиското седиште, каде едно лице упати закана до полицијата држејќи бекатон плочка во неговата рака.