Меѓу жртвите и роднини на пациенти – на распит вработени во изгорениот ковид центар во Тетово

0
16

Две од загинатите лица во пожарот во тетовската модуларна болница биле надворешни лица и не биле хоспитализирани ковид пациенти.

12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува“, велат од ЈО.

Секоја посета на надворешни лица во инфективните клиники е строго забранета, но досега никој не добил таква казна.

И порано имавме укажувања, ме известиле и мене и директорот дека наводно имало. Ние веднаш пративме и известување до сите служби, до сите одделенија до главните сестри, до раководители на овие одделенија дека никако не се дозволува посета“, посочи Гзим Нуредини.

За ова знаеле и во Министерството за здравство, но велат дека тоа тешко можело да се менаџира.

Ако било така, зошто било така. Поради тоа што, како што реков во принцип сите и тоа не само за ковид, каде што има инфективно одделение, посетите се забранети“, вели Венко Филипче.

ТВ21 вчера го пренесе сведоштвото на Мунир Биљаљи од Тетово кој добил насоки од лекарите, да доаѓа и да го храни својот татко кој бил хоспитализиран.

Новинар: Ти рече дека таму биле и мајка ти и татко ти. Двајцата беа заразени од Ковид или само едниот?

М.Б.: Само татко ми. Го сместија во таа болница, но ни рекоа да дојде некој да се грижи за него, да го храни. Сега, не знам двајцата исчезнаа, не знам каде се.

Новинар: Кој ви рече дека треба да дојде некој да биде покрај него? Лекарите ви рекоа?

М.Б.: Некоја докторка беше. Ги оставивме и двајцата и сега не можеме да ги најдеме.

На распит во обвинителство се и дел од вработените во модуларната болница, кои ќе треба да ги дадат одговорите на прашањата, зошто било дозволен влез на лица кои не биле позитивни, ниту пак хоспитализирани во привемениот ковид ценетар.

Ковид центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица.