Министерството за здравство без коментар за тврдењата на општина Тетово за противпожарните системи

0
42

Кој е надлежен за противпожарните системи во модуларните болници, Министерството за здравство или локалните власти? Иако во документот на Светска банка и на Министерството за труд и социјала за модуларните болници оваа надлежност е на локалните власти, од Општина Тетово одговорноста ја префрлија на Министерството за здравство. АЛСАТ праша во Министерството за што точно се тие надлежни? Одговор до овие вести не добивме.

А, околу документацијата, во обвинителството веќе се сослушани службениците кои работеле на проектот за модуларните болници и ја спровеле јавната набавка. Побарано е Технолошкиот факултет да спроведе градежно вештачење на изгорената болница.

„Дејствијата кои дополнително би се презеле би биле резултат на утврдени потреби и произлезени индиции. Во обвинителството во тек е и прибирањето на извештаите и документацијата која беше побарана по што ќе следи разгледување и анализа и ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, наведоа од Обвинителството.

Во меѓувреме, премиерот Заев не отстапува од својот став за оставките. Одлука ќе донел откако ќе заврши истрагата. Според него, нема сомневања дека биле злоупотребени пари од Светската Банка за евентуално понеквалитетно градење на модуларните болници.

„И самата имплементација е така реализирана, но за деталите, јас би имал свој став како претседател на Влада под чие надлежност е Министерството за здравство, министерството за труд и социјална политика…“, рече премиерот Заев.

Според ВМРО – ДПМНЕ, за пропустите во модуларната болница во Тетово виновни се СДСМ и ДУИ. Опозицијата бара одговори.

„Зошто Заев, Филипче и Хасани дозволија изградба на болница која нема основни стандарди? Дали и зошто не ги послушале советите на експертите да не ги вградуваат високо запаливите ПУР панели во модуларните болници? Колкава е разликата во цената помеѓу ПУР панелите и панелите кои имаат поголема отпорност и дали за пари некој дозволил да се изгради болница која изгоре за само три минути?“, рече Александар Велјановски, ВМРО – ДПМНЕ.

Од понудените оставки на министерот за здравство, Венко Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, како и двајцата директори во Клиничката болница во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, засега нема ништо. Болницата изгоре ноќта на 8 септември и во неа загинаа 14 лица.