Министер во партиски штаб дојде со службено возило – Нуредини: Се извинувам, сега ќе одам пеш

0
20

Министерот за животна средина, Насер Нуредини во седиштето на ДУИ пристигна со службено возило за да промовира дел од зелената агенда. На прашањето дали злоупотребува државни ресурси за промовирање партиска кампања, тој одговори дека не знаел и побара извинување.

ТВ21: Тука во седиштето на ДУИ дојдовте со службено возило. Дали ја злоупотребувате положбата и државните пари за да дојдете тука на прес-конференција на партијата?
Нуредини: Не верувам, но доколку е така се извинувам, бидејќи службено бев во Чаир и сега ќе продолжам со работа. И пеш ќе одам ако има потреба.

Пред две недели, Владата донесе одлука со која се уредува користењето службени возила. Вицепремиерот Љупчо Николовски, вели дека со оваа одлука секој функционер кој ќе злоупотреби службено возило за приватни цели, ќе се соочи со казна.

-Одлуката е направена така што ги елиминира потенцијалните злоупотреби на службените возила, односно користењето на јавните ресурси за приватни цели. Новиот систем за следење на користењето на службените возила и начинот на кој ќе обезбедуваат дозволите за користење, овозможува лесно детектирање на неправилностите и нивна санкција-рече Николовски.

Околу тоа колку функционери ќе бидат санкционирани за користење службено возило во текот на изборната кампања, ќе го почекаме извештајот на Владата. Инаку, од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека добиле пријави за општини кои ги злоупотребуваат парите на граѓаните за точење гориво во приватни возила кои се користат за изборните активности.