Попис до четврток или уште некој ден?

0
21

Времето гази, а уште многу граѓани не се попишани. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека доколку политичките партии со консензус достават барање за продолжување на рокот за спроведување на пописот, Законодавниот дом нема да има пречка да го стори тоа.

Пописот влегува во фотофиниш, попишувачите имаат само уште два дена за да стигнат на сите оние места каде што не успеале да ги покријат, но тоа ќе биде тешко, со оглед на тоа што голема е бројката на граѓани кои се жалат дека не се потпишани од една страна, а малобројни се лицата акредитирани за евиденција. Дилемата дали оваа најголема статистичка операција ќе биде продолжена за некој ден плус, во моментов лебди во воздух. Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека такво нешто не се планира.

„Во моментов целата енергија се вложува за да се заврши започнатата операција и не се планира продолжување на рокот. Очекуваме до предвидениот термин сите да се попишат и пописот да заврши успешно во предвидениот рок“ – изјави Симовски за ВЕЧЕР.

Согласно законската регулатива, за да се продолжи оваа најголема статистичка операција во земјава во наредните два дена мора да се свика итна собраниска седница на која би се разгледала можноста за продолжување на пописот. Вообичаено вакви седници се свикуваат на барање на Владата, или со барање на 20 пратеници и да има политички консензус меѓу сите политички партии во Собранието.

„Непишано правило е Собранието да работи во изборна кампања, но тоа не значи дека ако има итна потреба, да не заседава. Во однос на изјавата на директорот на Државниот завод за статистика дека е можно да биде побарано продолжување на пописот поради хакерските напади, ова е прашање кое треба да биде предлог на Владата или на група пратеници за измена на законот. Треба да има конкретен предлог, а поради фактот дека во Собранието учествуваат политички субјекти од разни проминиенции, тој треба да биде усогласен меѓу нив, истакна денеска претседателот на Собранието“ – Талат Џафери.

Тој додава дека доколку има итна потреба Собранието може да работи во било кое време, според прописите и Уставот кој е во постојано заседание. Доколку би се побарало продолжување, според Џафери, тоа треба да биде направено во следните два дена имајќи предвид дека пописот законски треба да заврши на 30 септември.

Инаку, претходно претседателот на Собранието, по однос на прашањето за евентуално одложување на пописот, истакна дека од формален аспект законот е дециден дека пописот се врши од 5 септември до 30 септември до полноќ кога и завршува.

„Тоа што наведувате дека Заводот за статистика се изјаснил за можна потреба да се продолжи рокот во толку денови колку што беа попречени поради компјутерски упад во системот, тоа е веќе надлежност на Владата или на пратениците да излезат со конкретен предлог доколку размислуваат по однос на тоа прашање“, посочи претседателот на Собранието.