Ројтерс: ЕУ повеќе не гарантира членство за балканските земји

0
21

Европската Унија, плашејќи се од политички реакции во земјите-членки, повеќе не може да се усогласи да им даде гаранција за идно членство на шесте балкански земји, откако на времето им вети место во клубот, според четворица дипломати и внатрешен документ, објави Ројтерс.

Ќор-сокакот со декларацијата за самитот на лидерите на ЕУ и Балканот на 6 октомври е најлошиот момент во стратегијата на ЕУ да ги вклучи во блокот Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, вели медиумот. Тоа се совпаѓа со разгорувањето на тензиите на границата Косово-Србија.

На самитот, ЕУ планираше да го повтори ветувањето дадено пред 18 години за да ја даде „својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“, според нацрт-декларацијата за самитот од 11 септември, која ја видел Ројтерс. Тоа помина низ најмалку две тури преговори без договор, рекле дипломатите.

Државите на ЕУ нема да ги откријат своите позиции, но богатите северни земји како Данска, Франција и Холандија стравуваат од повторување на брзото пристапување на Романија и Бугарија во 2007 година и од лошо управуваната миграција на работниците од Источна Европа во Британија што сврте многу Британци против ЕУ.

Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спор околу јазикот, вели Ројтерс.

Дури и ако конечно се договори некаков јазик, вели британската агенција, лошата состојба ја одразува парализираноста во планот на ЕУ да изгради „круг на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, трговија и помош.

Наместо тоа, настапуваат Кина и Русија по инвестиции и влијание. Во јануари Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против ковид-19 за масовна инокулација.

ЕУ, исто така, индиректно ги заострува тензиите во тој регион од 20 милиони луѓе, велат дипломатите, бидејќи балканските граѓани сонуваа да влезат во ЕУ по етничките војни во 90-тите години, кога Југославија се распадна.

Војниците на НАТО во понеделникот ги зголемија патролите на Косово во близина на граничните премини, кои беа блокирани од локалните Срби, разгневени од забраната за влез на автомобили со српски регистарски таблички во земјата.

Србија не го признава прогласувањето независност на Косово во 2008 година и почна воени маневри во близина на границата.

„Мора да се непослушни за да бидат забележани“, рече висок дипломат на ЕУ во Брисел вклучен во балканската политика. „На Балканот има влошување, кое произлегува од загубениот интерес во престолнините на ЕУ.“

ЕУ и САД апелираа за смиреност, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во вторникот го почна тридневното патување во шесте балкански земји за да ја покаже посветеноста на извршната власт на ЕУ кон регионот.

„Не мрдаме од место“

На својата првата станица во Албанија, Фон дер Лајен рече дека стои на ветувањето дека „иднината на Албанија е во ЕУ“.

Но кредибилитетот на ЕУ е оштетен, вели Ројтерс, особено откако Франција и Холандија привремено го прекинаа процесот на проширување пред две години, а Бугарија сега го блокира.

Косово и Србија се чувствуваат разочарани од Соединетите Држави, откако пред една година беа поканети во Белата куќа од тогашниот претседател Доналд Трамп да потпишат договор за нормализирање на економските односи, само за да видат како пропаѓа. ЕУ не го одржа своето ветување дека ќе му дозволи на Косово патување без визи.

Државите што се залагаат за проширување, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Хрватска, Словенија и балтичките земји, ги осудуваат Германија и Франција затоа што не ја притиснале Бугарија да го укине ветото. Напредокот на Албанија исто така е запрен затоа што е поврзана со Северна Македонија во процесот на проширување, пишува Ројтерс.

„Сѐ додека имате толку многу земји-членки, од една или од друга причина, кои веруваат дека не е правилно понатаму да се проширува заедницата на ЕУ, тогаш навистина не мрдаме од место“, рече Џон О’Бренан, експерт за интеграција во ЕУ од Универзитетот Мејнут во Ирска.