Ружиќ: Размислуваме учениците двапати неделно да ги тестираме со антигенски тестови

0
41

Српскиот министер за образование, наука и технолошки развој, Бранко Ружиќ, денес изјави дека во Србија се размислува да се воведат тестирања на учениците двапати неделно, како што тоа се прави во Германија, јави дописникот на МИА од Белград.

Ружиќ за ТВ Пинк изјави дека според најновите податоци на онлајн настава поради инфекција со коронавирус или карантин „се наоѓаат 0,5 отсто од вкупната популација на ученици во Србија“.

Тој потсети дека сега ако 10 проценти од оделението се заразени, целото одделение 10 дена преминува на онлајн настава, и додаде дека во Германија тој процент е 20 отсто. Тој посочи дека состојбата во училиштата не е алармантна, дека засега нема кластери, што не е невозможно да се случи, но дека образовниот систем нема да запре.

Ружиќ порача дека се размислува за воведување брзи антигенски тестови со согласност на родителите.

-Размислуваме за тоа и овде во Србија, можеби тоа да го воведеме со согласност на родителите. Ова би биле брзи антигенски тестови или за почеток следење на симптомите и мерење на температурата. Но, образовниот процес нема да запре, изјави Ружиќ објаснувајќи дека во светот постои тренд да се премине на традиционален начин во училиштата, но дека тоа нема да се случи доколку бројките се поголеми.

Ружиќ, исто така, кажа дека е на мислење дека воведувањето на Ковид сертификатот ќе помогне да се зголеми бројот на вакцинирани за најмалку 10 проценти.