Се уништуваат вековни минерални извори со вода во Бањиче, институциите со око не трепнуваат

0
24

За време на асфалтирање на патот од месноста Бањиче од Шипковачко Теќе изворот со минерална вода лоциран покрај самиот пат се затрупа.Градежните работници наносите од земја и градежен шут за време на градежните работи  ги истураа токму над изворот, од каде минералната вода течеше од мала цефка вдлабната во карпа.

Сега на самото место наместо минерална вода има натрупано земја и градежен шут. Водата течеше со векови, сега изворот се изгуби. Но не е првпат да се изгубат минерални извори во Бањиче.

Пред 4 години жител на тетовското село Селце со градежна механизација рамнејќи една површина го уништи еден од најстарите извори во месноста, лоциран каде се изведуваа самите работите. Но за среќа пред повеќе од една година тој извор со вода повторно се појави ,а тука граѓаните повторно полнат вода но со изменет вкус, и не со толкава киселост како порано.

Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека треба да се внимава, затоа што се работи за базен со минерална вода и при секоја поголема активност можат да се повлечат и другите извори.

Инаку рекреативната месност Бањиче е една од најпосетените во Тетово, затоа што е и една од ретките слободни зелени зони во градот за одмор и рекреација, каде особено за време на викендите е посетувана од населението од тетовско, а често луѓето полнат водат од минералните извори кои како што раскажуваат им помага за стомачни и кожни проблеми.