Стартува теренскиот попис, детали како ќе се одвива

0
14

Пописот на население, домаќинства и станови, 2021 започнува на 5 септември, во 8 часот, а ќе заврши на 30 септември, во 20 часот. Резултатите се очекуваа за најдоцна за четири месеци. По пауза од 19 години повторно се спроведува оваа статистичка операција. Попис последен пат во земјава имаше во 2002, а обидот за попишување во 2011 беше неуспешен.

Овој попис ќе се спроведува според комбиниран модел, односно освен прибирање на податоци директно од населението на терен, ќе се користат и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваат сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Во пописната база влегуваат базите на МВР, Централен регистар, на Агенцијата за вработување, МОН, Министерството за труд и социјала, УЈП, Агенција за катастар, матични книги и расположливите податоци од заводот на статистика. Директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски се надева дека следниот пописен циклус пописот ќе биде базиран само на регистри.

Се очекува пописот да даде одговори на тоа колку луѓе живеат во државата, колку и каде се распоредени тие што се во дијаспора, а треба да се добие и прецизна слика за половата, старосната, образовната, економската структура на населението, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Пописот ќе се спроведува на седум јазици, а во домот на попишуваните може да влезе еден попишувач, прашалниците треба да бидат потполни за да се признаат. Во прашалниците има шеесетина прашања

Пописот првично требаше да се одржи во април, но поради пандемијата на ковид се одложи за во септември. Одложувањето тогаш беше на барање на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Од партиите единствено Левица има забелешки на методологијата на пописот. Од ВМРО-ДПМНЕ минатата недела само побараа пописот да биде електронски, но сè остана на тоа.

Против попис се и од Иницијативата „Не отворам врата“, кои побараа пратениците да го одложат пописот, оти за одложување на операцијата треба да се донесе нов закон. Тоа не се случи, па од Иницијативата најавија бојкот.

Попис во пандемија

Пописот ќе се спроведува во време кога државата е погодена од четвртиот бран на ковид-19. Во моментов во земјава има повеќе од 15 илјади луѓе официјално регистрирани како позитивни на вирусот. Но здравствените власти не се исплашени дека пописот ќе придонесе за ширење на заразата. Доколку протоколите се почитуваат сè ќе биде во ред, велат здравствените власти.
Најголем дел од попишувачите се вакцинирани, и доколку некој од граѓаните одбие да го попишува невакцинирна попишувач, веднаш ќе му се обезбеди попишувач кој примил вакцини.

Ковид протоколи за попишување

Попишувачот треба да носи маска и за него има обезбедено средство за дезинфекција. Секаде каде што е можно попишувањето треба да се прави во отворен простор, пред зграда, во двор, доколку тоа не можно пред влезот во нечиј дом попишувачот треба да ги дезинфицира рацете и лаптопот и да побара домаќинот доколку не носи маска да си стави. Да се отворат прозорците во просторијата и распоредот на седење да биде на дистанца од најмалку два метри.

Според протоколите за спрoведување на пописот, попишувањето на лицата кои се во изолација поради ковид, доколку изолацијата им трае додека е пописот, ќе бидат попишани откако ќе излезат од изолација, за нив податоци може да даде и некој близок кој не е во изолација, а ги знае сите податоци за лицето.

Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува податоци до Заводот за статистика за тие лица што се во изолација или се позитивни на коронавирус.

Подготовките за пописот не одеа мазно, оти и покрај неколкуте повици и конкурси не се пријавија доволен број на попишувачи во сите 50 пописни реони. Па со одлука на владата на располагање како попишувачи се ставени и дел од административците.

Ќе го попишуваат резидентно и нерезидентно население. Со пописот не се опфатени лицата од дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства, претставници на меѓународни организации кои во моментот на пописот се во Македонија, странски државјани кои се нашле тука за време на пописот заради службен пат или туристички. Не се попишуваат ниту становите на дипломатските претставници, становите во сопственост на други држави, ненаселени станови, иселени поради рушење, станови без одобрение за вселување, домови за стари лица, за студенти, манастирски конаци.

Резидентно население

Во резидентно население спаѓаат државјаните на Македонија кои живеат тука без разлика дали се или не во местото на живеење за време на пописот, но се во Македонија, странци кои се тука повеќе од 12 месеци кои имаат одобрен престој, државјани на Македонија кои имаат живеалиште тука, но се во странство ама помалку од 12 месеци поради работа или друга причина, потоа наши државјани кои се на работа во странство како во амбасади, во ОН и нејзнините организации, претставници на стопански комори во странство, воени претставници. На пописот ќе се попишат и странци со признато право на азил или бегалец.

Нерезидентно население

Во нерезидентно население спаѓаат оние кои се повеќе од 12 месеци надвор од Македонија и странци кои се тука со одобрение со привремен престој, но се тука помалку од 12 месеци.

Резултати од пописот за неколку месеци

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците 6 месеци по завршувањето на теренските активности. Директорт на Заводот за статистика Апостол Симовски очекува обработката да се изврши и порано и податоците за бидат објавени во јануари следната година.

РСЕ