Стоилковиќ: Навреме предупредивме на можните манипулации со пописот

0
19

Начинот на кој се спроведува пописот во Македонија, кој почна на 5 септември, отвора широки можности за манипулација. Пописот се спроведува со комбиниран метод, што значи дека податоците од терен ќе се споредат со оние што веќе се достапни за државните органи, но податоците од терен нема да се собираат насекаде. Ова за Спутник го вели Иван Стоилковиќ, македонскиот пратеник и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Тој вели дека неговата партија предложила промени во законските прописи за пописот, на терен да одат по двајца попишувачи поради веродостојноста на податоците. Побаравме граѓаните да имаат можност да чуваат по еден примерок од пописната листа. Според него, овие мерки би спречиле евентуална манипулација со податоците, меѓутоа, овие предлози беа одбиени.

„Знаете како, не можете да ги одберете условите до крај, мора да се вклопите. Ги повикавме граѓаните масовно да одговорат на пописот бидејќи не треба да дозволиме другите да ја кројат нашата судбина без разлика на тенденциите во државните органи чија цел е да спроведат одредени резултати со пописната операција, што би одговарало на таканаречените креатори на политиките во Македонија“, коментира Стоилковиќ.

Кога зборуваме за „тенденции на државните органи“, Стоилковиќ мисли на намерата да се задржи бројот на Албанците кои живеат во Македонија на исто ниво, ако не и поголемо во споредба со последниот попис од 2002 година. Стоилковиќ вели дека токму Албанците се најбројни кога зборуваме за емигрирано население од Македонија, главно во Западна Европа.

„Од друга страна, имате препорака од Евростат за попис не само на жителите, туку и на нерезидентното население. Не правиме разлика помеѓу жители и нерезиденти, и тоа е главниот камен на сопнување кога станува збор за пописот “, вели Стоилковиќ и додава дена нема никаков притисок врз Србите да се изјаснат како некој друг.

Но, постои недоверба кај граѓаните кон државата и кон пописниот процес бидејќи тие веруваат дека бројот на припадниците на некои други национални заедници ќе се зголеми за сметка на Србите и другите национални малцинства, додаде тој.

„Веќе разговарав со претставниците на турската национална заедница. Тие исто така се плашат од резултатите од пописот, дека бројот на Албанците ќе се зголеми преку нив, Турците и другите мали заедници, каде што е најлесно да се интервенира кога се во прашање резултатите од пописот“, наведува Стоилковиќ.