Тие што не се попишале ќе можат тоа да сторат на одредени локации во својата општина

0
17

Државниот завод за статистика од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од заводот за статистика.

Оваа можност се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот не ги нашол дома или не стапил со нив во контакт.

Тие граѓани ќе можат да појдат на неколку локации во нивните општини и да се попишат. Локациите ќе бидат објавени на веб страницата на заводот за статистика наменета исклучиво за пописот.

Ѓоргиева информира дека сега се влегува во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена.

„Тоа е и целта на пописот. Никој да не биде испуштен, односно да биде офатено целото население кое живее на територија на Република Северна Македонија“, изјави Ѓоргиева.

Пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат на терен, од 8 до 20 часот.