Цетиње како пред војна, над 1.800 полицајци ќе се обидат да ја контролираат бесната толпа

0
21

За спречување инциденти за време на устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква Јоаникиј во манастирот Цетиње во Црна Гора ангажирани се најмалку 1.800 униформирани полицајци и голем број на старешини и припадници на криминалистичката полиција. Тие ќе се обидат да спречат инциденти за време на утрешното устоличување на митрополитот. Управата на полицијата е соочена со најголем безбедносен ризик во поновата црногорска историја.

Оперативниот штаб на Управата на полицијата направи безбедносен план со најмалку три можни сценарија со цел да се зачува мирот во Цетиње и Подгорица и да се заштити безбедноста на учесниците на верскиот собир и гостите, но и демонстранти, објавуваат црногорските медиуми.

Советот за национална безбедност вчера издаде упатства до органите на разузнавачкиот и безбедносниот сектор за, како што објавија по седницата, да ја зајакнат координацијата со цел зачувување на уставниот поредок и заштита на правата и слободите. Во меѓувреме СAД ги повикаа сите актери во Црна Гора, и особено политичките лидери, да придонесат за смирување на зголемените тензии во државата.

Во соопштението се додава дека САД ја поддржуваат слободата на вероисповед и изразување, вклучувајќи мирно собирање и непречена работа на новинарите.

Во Црна Гора, тензиите се зголемија во последните недели меѓу поддржувачите и противниците на устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетиње. Застапниците на устоличувањето во Цетиње наведуваат дека е апсолутно право на Митрополијата Црногорско-приморска да ја одржат церемонијата во манастирот Цетиње, нејзиното вековно седиште, додека противниците велат дека тоа би било „окупаторски чин во симбол на Црногорската духовна, државна и национална слобода“.