Шведска ги укинува сите мерки против корона

0
24

На 29 септември Шведска ги укинува речиси сите преостанати епидемиолошки мерки поради високата стапка на имунизација на населението и ниската стапка на смртност, објавија денеска министерката за здравје и за социјална грижа, Лена Халенгрен и директорот на Заводот за јавно здравје, Јохан Карлсон.

До 7 септември во Шведска две дози вакцини примиле 70 проценти од возрасната популација, а вкупно 81,6 проценти од граѓаните постари од 18 години примиле барем една доза.

Шведска во последните две седмици има трета најниска стапка на смртност од ковид во Европа, зад Лихтенштајн и Словачка, а таквата состојба трае од почетокот на летото.

„Благодарение на успешната кампања за вакцинација стигнавме далеку и сега нашето општество е во подобра ситуација. Затоа преземаме чекор кон нормалното секојдневие кон заедницата во која ќе нема никакви ограничувања. Проценивме дека ограничувањата имаат мал учинок во сузбивањето на инфекцијата. Моментно е важно да се зголеми стапката на вакцинираност“ – истакна министерката Хеленгрен.

Од 29 септември во Шведска веќе ќе нема ограничување на бројот на учесници на јавните собири како концерти и натпревари. Од 15 мај бројот на учесници беше ограничен на 3.000 на отворено и на 300 во затворените простории.

Се укинуваат и ограничувањата за приватните собирања на затворено на кои досега не можеше да има повеќе од 50 лица.

Властите во Шведска, воедно ја повлекуваат и препораката за работа од дома, што значи дека многу компании, јавни и државни установи по цела година и пол ќе ги повикаат вработените да се вратат во канцелариите.

„Се покажа дека вакцините се ефикасни. Имаме добра покриеност со вакцинацијата и јасно го гледаме нејзиниот учинок бидејќи имаме најниска стапка на смртност во Европа. Ограничувањата кои сега ги укинуваме веќе не можат да се оправдуваат од агол на јавното здравје. Вакцинираните лица од 29 септември начелно, ќе можат да живеат како претходно“ – изјави Карлсон.

Заразата со коронавирусот во Шведска се уште е присутна со дневен просек од нешто повеќе од 1.000 новозаболени. Според зборовите на надлежните, во најголем дел заболуваат невакцинирани лица, па затоа продолжува интезивната кампања за вакцинирање на сите возрасти, а посебно меѓу тинејџерите од 16 до 18 години.

Ковид-потврдата ќе биде во употреба само за поминување на државната граница.