Џафери им го врати на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ барањето за Анкетна комисија за Тетово

0
17

Собранискиот спикер не ја прифати иницијативата за формирање Анкетна комисија за трагедијата во Тетово, поради неупотребата на уставното име.

Собранискиот спикер Талат Џафери им ја врати како неуредна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ иницијативата за формирање анкетна комисија за трагедијата во тетовската модуларна болница. Џафери ги известил опозициските пратеници дека нивното барање не е во согласност со амандманот 33 од Уставот, кој произлегува од Преспанскиот договор, кој се однесува на новото уставно име на земјава. Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски обвини дека владејачкото мнозинство се обидува да ги заштити партиските кадри.

„Сметаме дека со ваквиот потег, парламентарното мнозинство не сака да се расчисти овој случај и не сака да добијат одговор прашањата кој ја носи политичката и кривичната одговорност за оваа трагедија која чинеше 14 човечки животи. Сметаме дека г-динот Зоран Заев се’уште тактизира за да го заштити министерот Филипче, а пратеничкото мнозинство СДСМ – ДУИ за да ги заштити и надлежните во Општина Тетово и во клиничката болница во Тетово.

Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ пред неколку дена соопштија дека ќе поднесат предлог за формирање анкетна комисија во парламентот за да се истражи трагедијата во Тетово и да се утврди политичка одговорност. Дека ќе го поддржат барањето во собранието најави претседателот на АА Зијадин Села кој порача дека стојат зад секаква комисија која ќе работи за да излезе вистината на виделина и да има одговорност.

„Треба да има законска одговорност за сите тие кои беа одговорни. За жал, откога се случија овие многу тешки немили настани, јас не гледам дека обвинителството работи да повика некого на одговорност. Не треба некои експерти од странство да ни дојдат за да се гледа дека таму биле луѓе кои не требало со закон да бидат присутни. Според тоа, обвинителството за тоа треба да се занимава со директорот на болницата и низа други пропусти кои се случија.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат рок од 15 дена да го усогласат својот предлог со Уставот, додека пратениците од мнозинството останаа на став дека треба да се почека истрагата на обвинителството.