Во Сирија убиен еден од водачите на Ал Каеда

Еден од водечките луѓе на Ал Каеда, Абдул Хамид ал Матар е убиен на 22 октомври во напад со американско беспилотно летало во Сирија, изјави портпаролот на Централната команда на САД, Џон Ригзби.

Според него убиството на ал-Матар ќе ја наруши способноста на терористичката организација да планира и да изврши глобални напади.

„Немаме индиции за цивилни жртви како резултат на нападот со беспилотното летало од типот MQ-4C“, вели Ригзби.

Нападот во северозападниот дел на земјата доаѓа два дена откако беше нападната американска база во јужна Сирија. Ригзби не кажа дали нападот со дрон бил извршен како одмазда.

Ригзби рече дека Ал Каеда продолжува да претставува закана за САД и нивните сојузници и ја користи Сирија како безбедно засолниште „за обнова, координација со надворешните филијали и планирање надворешни операции“.

САД ќе продолжат да таргетираат членови на Ал Каеда и други терористички организации кои имаат намера да и наштетат на Америка, рече Ригзби.

Во Сирија конфликтот започна пред 10 години, а во него загина повеќе од 350 илјади луѓе, а половина од населението во земјата беше раселено.

Извор Р. С. Е