Арсовска: Условите во кои што живее населението во Општина Сарај даваат многу лоша слика за главниот град

0
17

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска денеска одржа средба со граѓани од општина Сарај на која што беше разговарано за актуелните проблеми, чие што решавање ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живеење во ова населено место.

„Населба – дел од главниот град, во 21 век има приоритетен проблем, а тоа е водоснабдувањето. Граѓаните од Сарај ми посочија дека овој сериозен недостаток особено се манифестира во текот на летниот период во повисоките зони на снабдување со вода. Понатаму потребно е итно инвестирање во канализационата мрежа, реконструкција на училиштата и градинките и секако, она што важи за сите општини, вложување во повеќе зелени паркови и рекреативни места за најмладите. Следна е лошата инфраструктура и незавршената, а започната градба на улици и патишта на територија на општината. Граѓаните не можат повеќе да чекаат и да живеат во лажна надеж дека газењето во прашини и кал, магично ќе се замени со газење по асфалтирани улици и по пешачки патеки. Се обврзувам на реализирање оперативна програма за ова населено место, издржана, со конкретни и брзи решенија, со транспарентна вклученост на самите жители, затоа што условите во кои што живее ова население даваат многу лоша слика за главниот град“, истакна на средбата Арсовска.

Жителите и објаснија на кандидатката за градоначалник дека во Сарај долго време не се инвестира, а проектите што им ги ветуваат со години наназад се уште не го виделе светлото на денот. Рекоа дека се претвораат во општина заборавена од локалната и централна власт, на која што и е доста од лажни ветувања и давање поддршка на партии и поединци кои што се обврзуваат на решавање на проблемите само во периодот додека се борат за функција. Бараат човек со интегритет кој што нема да заборави на општина Сарај веднаш по сместувањето во фотелја. Истакнаа дека иако во оваа општина доминира албанското население, сепак постои сплотеност со жителите од македонска националност, секојдневно промовираат соживот и едногласни се во барањето дека на Сарај му се потребни итни суштински промени што нема да ја ставаат повеќе во стагнација оваа општина.

„Лично ќе се борам за економската активност да расте на ниво на Град Скопје, а од тоа нема да биде исклучена ниту една општина. Се обврзувам на посветена работа и добри економски политики, кои што ќе овозможат подобра финансиска стабилност за сите нас. А, дека во Скопје не смее да има цели населби и населени места без основни потреби и услови за живот е еден од клучните 15+1 проекти од мојата програма. Затоа, можам да ве уверам дека заедно со моите соработници – тим од експерти од релевантни сектори, сукцесивно и плански ќе се реализираат сите решенија што ќе го претворат нашето Скопје во функционален, модерен и атрактивен град за живот и работа”- заврши Арсовска.