Балканот пред енергетско ценовно цунами!

0
18

Најголемата словенечка енергетска компанија, љубљански „Петрол“, најави значително зголемување на цената на електричната енергија и на природниот гас. Оваа компанија, која покрива четвртина од енергетскиот пазар во Словенија, ќе ја продава електричната енергија по повисока цена од 21 до 35 отсто, во зависност од тарифата. За малите потрошувачи, поскапувањето ќе биде за 30 отсто, а гасот ќе поскапи за 12 отсто. Другите снабдувачи со електрична енергија, најверојатно, ќе почекаат со новиот тарифник од почетокот на следната година. Во последниот период, во Словенија има и раст на цените на нафтените деривати, а еден литар бензин се продава по 1,267 и 1,286 евра, а дизелот од 1,307 до 1,338 евра, пренесува „Пословни дневник“.

Енергетската криза во светот ја доведува во прашање и примената на стратегијата на Европската Унија за преминување на обновливи извори на енергија, затоа што нема дефинирано од кои други извори ќе се покрие недостигот од електрична енергија. Со заздравувањето на светската економија, расте побарувачката за енергија од сите видови, а со тоа се притиска и на пазарот на нафтени деривати и природен гас. Со пораст на цените на енергијата се соочуваат и државите од Западен Балкан.
Словенија е прва од земјите во регионот што излезе со нови повисоки цени на електричната енергија. Новиот ценовен шок за корисниците на струја во другите земји од Балканскиот Регион е одложен за неколку месеци, поради влијанието на социјалниот фактор при формирање на цената за еден киловат-час. Во Србија и во Босна и Херцеговина, кои се големи производители на електрична енергија од домашни капацитети, струјата засега нема да поскапи. Но прашање е колку ќе можат тие да ја избегнат енергетската криза, која станува сѐ поизразена и во Европската Унија.

– Словенечката влада би можела да интервенира за да влијае на смирувањето на цената на електричната енергија од домашно производство, но не и на цените на нафтените деривати, кои се од увоз. Теоретски, Владата би можела да интервенира на домашните производители да не ја извезуваат енергијата или да ја лимитираат цената на енергијата, но тоа би било контрапродуктивно, затоа што ќе доведе до недостиг на пазарот – вели Здравко Почивалшек, министер за економија и потпретседател во Владата на Словенија, во разговор за Словенечката телевизија.
Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, на вчерашната владина седница ја обелодени уредбата со која во наредниве 30 дена се ограничува цената на моторниот бензин на 11,10 куни, а на дизелот на 11 куни. Како што објасни тој, Владата има право да ги ограничи цените на нафтените деривати заради заштита на потрошувачите и токму затоа е преземен овој чекор.
Другите земји од Западен Балкан, кои се зависни од увоз на електрична енергија и на нафтени деривати, пред претстојната грејна сезона се соочуваат со недостиг од електрична енергија, а тоа е особено изразено во Албанија.
Од битолските термоцентрали, кои се главниот производител на електрична енергија во Македонија, најавуваат и увоз на јаглен од околните земји за да ја задоволат повисоката потрошувачка за струја.

Пазарот на струја во Србија е либерализиран од 2015 година, но државата и натаму ја регулира цената на домаќинствата. Последниот пат струјата во оваа земја пораснала во февруари годинава за 3,4 отсто, со што во просек секоја сметка за домаќинствата пораснала за 1,27 евро. Сега, просечната цена на струјата за домаќинствата и за малите купувачи изнесува 0,07 евра за киловат-час, без вклучен данок и такса. Премиерката Ана Брнабиќ деновиве се „пофали“ дека Србија и со новите зголемени цени има „најевтина струја во цела Европа и во овој регион“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека граѓаните не треба да се грижат за струја и за гас и изјави дека е добро тоа што Владата не се откажала од користење на рудниците за јаглен, за што има и препораки од ЕУ за декарбонизација на континентот и за преминување на алтернативни извори на енергија. Речиси 70 отсто од струјата што се произведува во Србија доаѓа од користењето на јагленот во домашните термоцентрали, пишува Радио Слободна Европа.
Проекциите за Босна и Херцеговина се дека струјата за стопанството треба да поскапи од 70 за домаќинствата до 120 отсто за претпријатијата, а како што објаснува министерот за енергија и рударство и индустрија во Федерацијата на Босна и Херцеговина, тоа е потребно заради следење на трендовите во Европа. На берзата за струја во Унгарија на 11 октомври годинава, цената изнесувала 161 евро за мегават, а во БиХ изнесува околу 50 евра. Економската аналитичарка Светлана Цениќ, во изјава за РСЕ, вели дека сега се зборува само за покачување на цената за стопанството, што, секако, ќе доведе до серија поскапувања на производите и услугите и дополнително ќе го оптовари стандардот на граѓаните.
Енергетичарите и економистите во Македонија предупредуваат на можни рестрикции во потрошувачката на електрична енергија.
– Динамиката на производство на јаглен во РЕК „Битола“ е на драматично ниско ниво. Ние немаме ниту постројки што можат да обезбедат во подолг период зголемено производство на електрична енергија – изјави Константин Димитров од МАЦЕФ – Центар за енергетска ефикасност на Македонија.
Засега, една од мерките што ги презема Македонија за излез од енергетската криза е интервентен увоз на јаглен за да ги активира третиот блок на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Во јавниот повик за набавка на јаглен се бараат 1,2 милион тони јаглен за потребите на термоцентралите.

НМ