Бектеши -Ако има потреба цените ќе се замрзнат

0
20

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека не се точни предвидувањата дека до крајот на годинава основните производи ќе поскапат за околу 50 проценти. Тој вели дека будно ја следат ситуацијата и доколку има ценовни шокови веднаш ќе постапат и како Министерство ќе ги замрзнат цените на тие производи.

Стопанствениците деновиве алармираа дека поради неколкукратно зголемените цени на енергенсите, се очекува зголемување и на крајните производи до 50 отсто.

Трошоците на животот во септември годинава, во однос на септември лани бележат зголемување од 3,7 отсто, а цените на мало од 5,6 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Споредено пак со минатиот месец трошоците на животот во септември се помали за 0.1 отсто, а цените на мало за 0.5 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4.4 и млекото за 0.3 проценти.

Пораст на трошоците на животот во септември има кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2.5 проценти, пивото за 0.7 проценти, рибата и морските плодови за 0.4 проценти, маслото и маснотиите, мебелот и покуќнината за 0.2 проценти.

Во однос на тоа дали поради повисоката цена на струјата би можело да дојде до енергетска криза, Бектеши вели дека со вклучувањето на третиот блок на РЕК Битола ќе се задоволи домашната потрошувачка на електрична енергија.