Во други држави досега ќе паднеа 10 оставки, вели Ѓорчев откако премиерот не ги прифати оставките на Филипче и Хасани

0
13

Наместо пристојност и етика, СДСМ и ДУИ решија да ја спасуваат коалицијата, реагира Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ

Четиринаесет семејства се во црнина поради неодговорноста на премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче, вели Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на одлуката на премирот да не ги прифати оставките на министерот и заменик-министерот за здравство во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.

„Народот е револтиран, овој срам и брука во Македонија ќе заврши. А оние кои што се виновни ќе одговараат. Денес повторно видовме дека власта нема осет и нема жал за 14 луѓе што живи изгореа во ковид-болницата и вкупно 7 000 починати од ковид. Наместо пристојност и етика, СДСМ и ДУИ решија да ја спасуваат коалицијата. Четиринаесет луѓе живи изгореа во пластичниот киоск на Зоран Заев и Венко Филипче“,

рече Ѓорчев на денешната прес-конференција.