Вработените во РКЕ во отворено писмо:Физичкиот напад врз претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Комисија

0
15

Бараме надлежните институции да ги преземат сите законски мерки кои се во нивна надлежност и сторителот (сторителите) на ваквото дело најстрого да го санкционираат

Вработените во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија  во врска со немилиот настан во кој беше физички нападнат Претседателот Бислимоски го изразуваат својот револт и негодување и најостро го осудуваат нападот.

Имено, физичкиот напад врз Претседателот Бислимоски го сметаме како директен напад и притисок врз работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, но и врз системот на регулирањето на енергетските пазари во Република Северна Македонија кој е воспоставен и успешно функционира од 2003 година.

Ваквото нецивилизирано и дивјачко однесување на учесникот на енергетскиот пазар во 21-от век е недозволиво особено за нас како земја аспирант за влез во ЕУ.

Претседателот Бислимоски, претходно вработен во Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 2004 година помеѓу своите колеги важи за голем професионалец, без ниту една дамка во своето работење и човек спремен секогаш и секому да помогне.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија постапувала и ќе постапува во согласност со законите, а врз основа на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација, со примена на најдобрите меѓународни искуства и практики.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија три последователни години е прогласувана за најдобро регулаторно тело во рамки на Енергетската заедница и ниту еден ваков недоличен настан не смее да го загрози интегритетот и угледот ниту на Претседателот, ниту на институцијата.

Бараме надлежните институции да ги преземат сите законски мерки кои се во нивна надлежност и сторителот (сторителите) на ваквото дело најстрого да го санкционираат.