Гласа за пари-закани по живот, ден пред локалните избори

0
29

На ден пред локалните избори, истражните органи информираат за закани по живот на кандидати за градоначалници и поткуп на гласачи. Обвинителството соопшти дека закани по живот добивал кандидат за градоначалник на Прилеп и неговото семејство. Заканите преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ги испраќал 27 – годишен прилепчанец, кој доби осумдневен притвор.

Пријавеното лице во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода на граничниот премин Табановце при влез во државава и приведено на испитување во обвинителството“, велат од Обвинителство.

А, полицијата во Драчево вчера вечер уапси четири лица на возраст меѓу 26 и 50 години кои ги забележала како даваат пари во замена на глас за локалните избори. Кај осомничените лица најдени се 121.000 илјада денари и 250 евра.

„Известен е јавен обвинител и по добиени судски наредби извршени се и претреси во домовите на лицата, а тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка“, изјавуваат од МВР.

Во Лозово, пак, се купувал еден глас за 3.000 денари. Полицијата го уапси осомничениот кој наводно вршел поткуп, а обвинителството отвори постапка и против четири лица за кои се сомнева дека добиле пари за гласање.

„Осомничениот на 15 октомври 2021 година, во општина Лозово бил забележан како дава пари на граѓани за да гласаат за независен кандидат. Со потврда одземена е документацијата и паричните средства кои биле пронајдени кај осомничениот. Осомничениот е задржан во полициска станица“, велат од Обвинителство.

Обвинителството формираше привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите. Ќе се следи дали се вршат кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.