Димитриески: Во Куманово победија граѓаните

0
15

Старо-новиот градоначалник на Куманово, Максим Димитриески, во првата изјава по прогласување на победата на локалните избори рече дека имале еден лап топ, еден фотоапарат, но и голема граѓанска поддршка. Тој победата ја нарече голема борба за Куманово, но и за Македонија. Неговиот противкандидат од коалицијата предводена од СДСМ, Оливер Илиевски, го оцени изборниот процес за фер и демократски и му ја честиташе победата.

 

„Ние сакаме заедно од граѓаните и со граѓаните да продолжиме да работиме за нашиот град. Триесет години се игра пинг понг со граѓаните на нашата држава. Од Куманово почнале големи општествени промени во минатото и ние таа традиција на нашите предци ќе ја задржиме и заедно со граѓаните ќе продолжиме да го градиме Куманово како поубаво место за живеење како и да ја вратиме демократијата во политичките субјекти и во државата“, рече Димитриески.

На прашањето дали во Советот на Куманово ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ со оглед дека победил и со помош на нивните гласови, Димитриески одговори дека победиле со гласовите на граѓаните на Куманово.

„Не ги делиме граѓаните на лево и десно и на која полиитчка партија, етничка или верска заедница припаѓа“, рече тој додавајќи дека е благодарен на сите политички субјекти кои отворено дале поддршка на неговиот граѓански концепт.

Во врска со прашањето дали резултатите од локалните избори ќе влијаат и на централната власт, тој рече дека тоа е прашање за премиерот Заев бидејќи тој е претседател на партијата и ја носи одговорноста со тимот околу него.

„Можам само да кажам како убеден социјалдемоктрат дека таа партија во минатото беше државотворна, но за жал поединци кои што дојдоа на истурени позиции ја доведоа до ова дереџе“, рече Димитриески. „Никогаш повеќе во државата не може да се дозволи системот и државата да оди против вољата на граѓаните и затоа сметам дека ќе бидат неоподни реформи за социјалдемократијата како идеологија да опстане на овие простори. Политичките партии треба да имаат фер плеј мегдан на кој што ќе се натпреваруваат, а граѓаните ќе се одлучат за политичкиот субјект за кој што сметаат дека треба да ја дадат поддршката“, додаде Димитриески

Неговиот противкандидат од коалицијата предводена од СДСМ, Оливер Илиевски, го оцени изборниот процес за фер и демократски.