Заев: Земјоделците ќе добијат дополнителни три денари субвенции за арпата

0
17

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека од КОВИД-програмата,  проектирана во јуни, земјоделците ќе добијат дополнителни три денари субвенции за оризовата арпа.

Со тоа, како што нагласи Заев, ќе им се излезе во пресрет на барањата на производителите за надминување на пониските откупни цени поради пандемијата.

Заев присуствуваше на завршните настани од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ заедно со министерката за образование Мила Царовска, заменик-министерот за земјоделство Трајан Димковски и други владини претставници.

-Од КОВИД програмата, која навремено е планирана уште во јуни, ќе им помогнеме на оризопроизводителите со дополнителни три денари по килограм оризова арпа, со што излегуваме во пресрет на барањата за надминување на пониските откупни цени поради пандемијата. Во подрачната единица за земјоделство во Кочани доставени се и 1020 картички за „зелена нафта“, а ги исплативме субвенциите за полјоделски култури од програмата за финансиска поддршка во земјоделството од околу 640,5 милиони денари, во кои влегуваат и субвенциите за оризот што ги добија над две илјади субјекти. Ја почнавме капиталната инвестиција за изградба на браната Речани што треба да заврши до крајот на 2024 година и ќе овозможи наводнување на 1.500 хектари, стабилно водоснабдување и производство на електрична енергија од две хидроцентрали, истакна премиерот Заев.