За девет месеци над 400 нарушувања на јавниот ред и мир во полошко

0
20

Во изминатите девет месеци од оваа година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово регистрирани се вкупно 409 нарушувања на јавниот ред и мир, односно прекршоци (ТЕ-204 и ГВ-205). Во овие нарушувања биле инволвирани 489 сторители (ТЕ-279 и ГВ-210), а најголемиот број од прекршоците се целосно расчистени и заокружени со соодветни поднесоци по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Најмногу од прекршоците за кои се изготвени и барања за поведување на прекршочни постапки (320) се случиле во град, најчесто со поединечно учество на сторителите, од кои  во овој период дури 460 биле мажи.Најголемиот број од сторителите се на возраст над 25 години (377).

Меѓу евидентираните прекршоци повторно најбројни се физичките напади (180) од кои 82 се случиле на тетовското, а 98 на гостиварското подрачје, потоа тепачките (35), дрско и непристојно однесување, исто така, 35, навредување и омаловажување  на службено лице или државен орган и така натаму.

Во периодот за кој станува збор регистрирани се 3 прекршоци во и околу училишта (ТЕ-2 и ГВ-1) и 3 на спортски натпревари (ТЕ), додека не се бележи ниту едно нарушување на јавниот ред и мир со меѓуетнички предзнак.