Касами славеше со зурли и тапани на тетовскиот плоштад, очекува сите граѓани да застанат позади него во вториот круг

0
15

Тетово за првпат ќе има градоначалник кој ќе се грижи за сите граѓани, без разлика на политичката, етничката или друга определба, изјави претседателот на Беса и кандидат за градоначалник за Општина Тетово Билал Касами, синоќа од градскиот плоштад каде заедно со неговите приврзаници и симпатизери го славеше неговото влегување во вториот круг од локалните избори каде за две недели ќе се трка за градоначалничката фотелја со Теута Арифи од ДУИ.

-Очекуваме во вториот круг од гласањето сите граѓани да застанат позади мене, зошто им ветувам дека за четири години Тетово ќе биде град во кој ќе бидеме горди што живееме, град во кој еднаш за секогаш ќе ги затвориме темите како што е водата, како што е чистотата, како што се кучињата скитници. За четири години, кој ќе сака да се кандидира за градоначалник на Тетово ќе зборува за култура, за образование, за наука, спорт, за живот на младите, ќе зборува за иднината, а не за минатиот век на што, за жал, не принуди да зборуваме актуелната градоначалничка. Според нашите информации ние водиме на гласањето, многу е тесно водството, но сепак водиме“, рече Касами.