МВР го заврши извештајот за пожарот во Тетово

0
17

Готов е извештајот на полицијата по увидот во тетовската модуларана болница. Обвинителството извести дека Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења испратил документ кој ќе треба да се анализира. Сепак, обвинителството не споделува повеќе детали, како на пример дали МВР утврдило како избувнал пожарот во кој изгореа 14 КОВИД пациенти.

„Дејствијата за утврдување на причините за настанатиот пожар кои ги преземаат петмината обвинители континуирано се одвиваат. Во момeнтов се врши сослушување на членови на Комисии за импелементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери кои биле со решение формирани од Министерството за труд и социјална политика“, велат од ОЈО.

Конечен извештај и утврдување на причините за пожарот на 8 – ми минатиот месец, очекува и премиерот Заев. Од истрагата зависи, дали ќе се активираат оставките на министерот и заменикот за здравство, Венко Филипче и Илир Хасани, како и на двајцата директори во тетовската болница.

„Очекувам извештаите да се објават ден поскоро тоа е подобро за да ги решиме сиве овие дилеми. Животот продолжува. Политичарите се во кампања. Се случуваат секојдневни активнности и ред е да се објави тој извештај за да можам секако да го кажам и јас својот став по повод понудените оставки од министерот и заменик министерот за здравство“, рече премиерот Заев.

Увид во изгорената КОВИД болница во Тетово освен нашата полиција, направи и екипа на германската криминалистичка полиција која исто така треба да изготви извештај. Истрагата на обвинителството треба да покаже дали при монтажата на модуларното одделение биле испочитувани сите законски норми, дали имало технички прием и кој бил одговорен да даде зелено светло објектот да може да хоспитализира пациенти.

Според јавните податоци, ниедна модуларна болница во земјава ни била осигурена, а дополнително треба да се утврди зошто немало ниту систем за рана дектекција и за гасење пожар. Проектот за изградба на модуларните одделенија го финансираше Светска банка преку кредит, а јавната набавка ја спроведе Министерството за труд. Тендерот за монтажа и опремување на модуларните болници го доби фирмата „Брако“ од Велес.